„Денови на литературата“: попусти до 70 %, подароци и над 30 настани

Од 5 до 22 февруари, „Литература.мк“ го одржува шестото издание на „Денови на литературата“ со голема продажна акција, бесплатни работилници, книжевни промоции и богата програма за деца и возрасни.

Шестото издание на манифестацијата „Денови на литературата“ ќе се одржи од 5 до 22 февруари 2026 година во сите книжарници на Литература.мк и онлајн на www.literatura.mk. Настанот носи попусти на книги до 70 %, грепки со подароци и повеќе од 30 бесплатни настани за деца, родители и љубители на книгата.

Продажната акција ќе се одвива во книжарниците во „Дајмонд мол“, „Скопје сити мол“, „Ист гејт мол“, ТЦ „Буњаковец“, на ул. „Македонија“ во Скопје, како и во Струмица, а ќе биде достапна и преку најголемата домашна е-книжарница.

Во рамките на акцијата, попусти ќе понудат 17 македонски издавачки куќи, меѓу кои „Арс Ламина“, „Академска книга“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Или-Или“, „Култура“, „Мартина“, „Муза“, „Нампрес“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Светот на Биби“, „Сказнувалка“, „Слово“, „Три“ и „Чудна шума“.

„Арс Ламина“ ќе понуди попусти до 70 % на популарни наслови од фикција, нефикција и детска литература. Со намалување до 40 % ќе бидат изданијата на „Чудна шума“ и селектирани наслови од „Бата прес“. Попусти од 30 % ќе важат за сите изданија на „Сказнувалка“, „Прозарт“ и „Муза“, како и за избрани книги од „Три“ и „Или-Или“. Со 20 % намалување ќе бидат сите наслови од „Академска книга“, „Бегемот“, „Нампрес“, „Полица“ и „Слово“, како и дел од понудата на „Мартина“, „Сакам книги“, „Светот на Биби“ и „Култура“.

Дополнително, секој ден на www.literatura.mk ќе има специјален еднодневен попуст на одбрани наслови. За купување книги во вредност од минимум 1.500 денари, посетителите добиваат грепка со подарок, при што секоја грепка е добитна.

Богата програма за деца и возрасни

Покрај продажната акција, „Денови на литературата 2026“ носи и интензивна културна програма со промоции на нови книги, театарски претстави, креативни и едукативни работилници, музички настани и дружби со популарни детски маскоти како Исидора Мун, Биби и Боби и Стела и Сани.

Програмата започнува на 5 февруари во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ со свечениот настан „Во литературен филм“, на кој ќе настапи триото Trinity Strings. Во текот на следните денови ќе се одржат бројни детски работилници, промоции на нови сликовници и книги за возрасни, како и тематски настани во соработка со културни и едукативни партнери.

Посебно внимание е посветено на детската програма, која вклучува креативни работилници, театарски претстави, магични настапи, активности со маскоти и интерактивни игри за различни возрасни групи. За возрасната публика, предвидени се промоции на нови домашни изданија, поетски вечери, музички настани и книжевни разговори.

Финалето на манифестацијата е закажано за 22 февруари, со завршни работилници и дружби во книжарниците во „Ист гејт мол“ и „Скопје сити мол“, со што ќе биде заокружено шестото издание на „Денови на литературата“.

Сите настани во рамките на манифестацијата се бесплатни за посетителите, а за учество во работилниците и театарските претстави потребна е претходна пријава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни