,,Денот на Баба Марта” – интерактивен настан за обичајот ,,мартинки”

Настанот ќе се одржи на 28 февруари 2025 во Јуроп Хаус Скопје од 10:00 до 18:00 часот, каде посетителите ќе имаат можност да се запознаат со оваа вредна традиција

Центарот за научно истражување и промоција на културата – ХАЕМУС организира интерактивен изложбен настан во чест на обичајот ,,Мартинки”, нематеријално културно наследство впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО.

Како правен носител на Обичајот Мартинки во УНЕСКО, ХАЕМУС посветено работи на зачувување и промоција на ова културно добро. За своите заложби да ја спаси оваа традиција од изумирање, проектот на ХАЕМУС „Денот на Баба Марта“ ја доби престижната награда „Најдобра европска приказна за 2020“ од Советот на Европа и Европската комисија. Како резултат на оваа награда, ХАЕМУС создаде анимиран филм и серија на едукативни публикации за деца и млади за обичајот Мартинки на македонски, англиски, албански и на турски јазик.

Во рамките на изложбата ќе бидат претставени:

– Автентични мартинки од различни држави од колекцијата на ХАЕМУС;
– Едукативни панели на неколку европски јазици;
– Публикации на ХАЕМУС поврзани со традицијата на мартинките;
– Интерактивни игрифицирани активности и раскажување приказни за посетителите.

Особено внимание ќе биде посветено на интерпретацијата на Обичајот Мартинки преку различни интерактивни моменти. За таа цел ХАЕМУС направи партнерство со Славица Трчкова од атељето за рачни изработки „Craft Time“, како и Дамјан Ристовски и Сара Јакимовска од брендот „Народни носии“. Нивните дела ја претставуваат современата интерпретација на древните техники за изработка на мартинките, комбинирајќи ја традицијата со одржливиот начин на живот. Посетителите ќе можат да се запознаат со изработката на мартинките и преку лично искуство да научат повеќе за нивното значење, историја и симболика.

Автор на изложбата е м-р Василка Димитровска, креативен директор на ХАЕМУС.

Овој интерактивен настан е дел од пошироките активности на ХАЕМУС за промоција и зачувување на мартинките како нематеријално културно наследство заштитено од УНЕСКО.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни