Денес започнува одбележувањето на годишнината од трагедијата во „Пулс“ во Кочани

Марш на ангелите – родители со фотографии од своите деца, во протестен повик за вистина и правда по трагедијата во Кочани.
Кочани

Денес започнува одбележувањето на годишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. По повод годишнината се организираат повеќе настани во организација на семејствата на загинатите, Општина Кочани и Владата, со цел да се оддаде почит на жртвите и да се потсети на трагедијата што ја потресе целата држава.

Во Кочани ќе се одржи литургија во храмот „Свети Георгиј Победоносец“, по што ќе следува парастос за жртвите од пожарот. По богослужбата, родителите и семејствата на загинатите ќе се упатат кон вечните почивалишта на нивните деца, каде ќе оддадат почит и ќе положат цвеќе.

Настаните во Кочани се организираат како достоинствено сеќавање на младите животи изгубени во трагедијата, но и како потсетник на болката што ја остави пожарот во дискотеката „Пулс“.

Паралелно со настаните во Кочани, во Скопје ќе се одржи меѓународна конференција посветена на институционалните и клиничките аспекти на справување со последиците од пожарот во „Пулс“. На конференцијата се очекува учество на домашни и странски експерти, кои ќе разговараат за искуствата од трагедијата, медицинскиот третман на повредените и институционалните механизми за справување со вакви несреќи.

Целта на конференцијата е да се анализираат лекциите научени од трагедијата, но и да се унапредат системите за превенција, реакција и поддршка на жртвите при големи несреќи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни