Денес се прославува Меѓународниот ден на младите, кој за првпат во 2000 година е одбележан во светот. Целта на неговото воспоставување од страна на Обединетите нации е да го поттикне фокусот и вниманието кон младинските прашања особено кон нивната вклученост во донесување одлуки, социјална правда и мир, како и поттикнување младите да бидат агенти на новите промени во општествата.
Историјата на овој ден
Во 1999 година на Светскиот младински форум во Виена, се обзнанува идејата за Меѓународен ден на младите и потребата за овој ден, по препорака на Светската конференција на министри за млади во Лисабон. Со резолуцијата 54/120 се прогласува Меѓународниот ден на младите кој следната година за првпат се прославува официјално. Идејата за формирање на овој ден е образложена на Светскиот младински форум во Виена во 1991 прва, а на ова претходат неколку одлуки во светски рамки:
1965 – Генералното собрание на Обединети нации ја усвојува Декларацијата за промовирање на идеалите за мир меѓу младите, меѓусебно почитување и разбирање на народите.
1979 – Обединети нации ја прогласуваат 1985 за Меѓународна година на младите со фокус на учество, развој и мир
1991 – На Самитот во Виена се предлага идејата за посебен ден посветен на младите

Неговото значење денес и моменталната позиција на младите
Значењето на Меѓународниот ден на младите денес е потсетник за улогата на секој млад човек особено во контекст на глобалните предизвици и она што иднината го носи. Тој е потсетник за потребата од создавање глобални платформи за дијалот, вмрежување и споделени идеи, но и поттикнување на културна размена, искуства и заедничко дејствување. Според податоците на Обединетите нации, младите од 15 до 24 години се најпогодени од сиромаштија во земјите во развој, се борат со изложеност на стрес и зголемени проблеми со ментално здравје, имаат ограничен пристап до квалитетно образование во маргинализираните средини и покрај барањето за вклучување во процесите на донесување одлуки.
Според последните истражувања, 3 четвртини од младите не веруваат дека нивниот глас е слушнат, а нивната застапеност во политиката е минимална. Тие се соочуваат со економска несигурност, недоволен пристап до образование и ограничени можности за вработување, што предизвикува нивен раст на песимизмот во поглед на довербата во иднината и институциите. Во недостаток од системски пристап и политики, многу млади одлучуваат да ја напуштат државата во потрага по подобар живот, што го потврдува трендот на зголемена миграција во последните години.

Младите во Македонија
Младите во Македонија се соочуваат со сериозни предизвици кои во целост влијаат на одлуките кои ги носат во поглед на тоа дали сакаат да останат во државата. Високата инфлација, драматичниот раст на цените, нискиот квалитет на образованието, лошото здравство и поткопаните демократски процеси се само дел од причините поради кои младите си заминуваат или градат висок песимизам кон државата и тоа што таа може да им го понуди. Одливот на мозоци од Македонија не е нешто ново, тој е еден од главните проблеми со кој се справува државата од нејзиното осамостојување како еден од најголемите нејзини проблеми.
Потребата од национални и сеопфатни стратегии за задржување на младите во земјата, заедно со подобрување на животниот стандард, нивно вклучување во процесите на креаирање политики и поддршката за младинските организации како мост меѓу државата и младите се клучни за подобрување на состојбата и младинските перспективи во Македонија. Во меѓувреме, системските недостатоци, колективните трагедии и институционалните пропусти заедно со сиромаштијата и тешкото опстојување, остануваат клучни проблеми за нивниот живот во земјата.
Младите и иднината
Младите се силата што може да го трансформира општеството – нивната енергија, креативност и ентузијазам се тие што ја одредуваат сегашноста и ја обликуваат иднината. Тие се двигатели на промените, особено во региони како Западниот Балкан, каде што помирувањето, соработката и европската интеграција зависат токму од нивната ангажираност и визија. Но, и покрај нивната желба за учество, тие често се исклучени од процесите на одлучување, сведени на симболични улоги без реално влијание. Институционалната недоверба, политичката инструментализација и недостигот од ресурси ги спречуваат да бидат активни чинители во реформите.
Сепак, токму овие предизвици треба да ги прават младите уште порешителни – тие се здружуваат преку младински мрежи, граѓански организации и дигитални платформи, барајќи простор за глас, акција и промена. Иднината не смее да се гради без нив – таа мора да биде создадена со нив, зашто младите не само што ја сонуваат иднината, туку и знаат како да ја реализираат.