Русија и Украина денеска ќе одржат директни разговори во Абу Даби, во обид да се најде решение за завршување на војната која трае речиси четири години, јавува германската новинска агенција dpa.
Датумот на средбата го потврдија и Кремљ и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но без да соопштат дополнителни детали. Директните преговори меѓу Москва и Киев беа обновени пред една недела по долга пауза, а тогаш се одвиваа зад затворени врати со посредство на Соединетите Американски Држави. Овојпат, разговорите ќе се водат без американски претставници.
Договорот сè уште далеку
Иако двете страни досега повеќепати ги опишуваа разговорите како конструктивни, мировен договор сè уште не е на повидок, а територијалните прашања остануваат главна точка на несогласување.
Русија бара Украина да се повлече од делови на источниот регион Донбас, особено од областите околу Доњецк и Луганск, кои сè уште се под украинска контрола. Зеленски во повеќе наврати категорично ја отфрли можноста за територијални отстапки.
Кој ги предводи делегациите?
Украинската делегација ќе ја предводи главниот преговарач Рустем Умеров, додека на чело на руската делегација ќе биде Игор Костјуков, директор на руската воена разузнавачка служба ГРУ.
На барање на американскиот претседател Доналд Трамп, Русија привремено се согласи да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура поради екстремниот студ и големата штета во Киев и други градови. Сепак, нападите врз други цели продолжија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот изјави дека ограничениот прекин на огнот ќе трае само до денес, со цел да се создаде „добра основа“ за мировни преговори. Зеленски, пак, изјави дека нема формален договор за примирје, но вети дека Украина нема да напаѓа руски енергетски цели доколку Русија го почитува своето ветување.
Украина речиси четири години се брани од руската инвазија, со силна поддршка од западните сојузници.
