Денес беше воведен полициски час во делови од Тајланд кои се загрозени од борбите со Камбоџа, објавија денес медиумите.
Во југоисточната покраина Трат е прогласен полициски час поради борбите што се проширија на крајбрежните области во граничната зона, два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека двете страни се согласиле да престанат со борбите, објавува Ројтерс.
Непријателствата меѓу двете земји траат откако камбоџански војник беше убиен во престрелка во мај, што предизвика раселување на стотици илјади луѓе од двете страни на границата.
„Камбоџа ја потврди својата отвореност за прекин на огнот во саботата“, изјави портпаролот на тајландското Министерство за одбрана, контраадмиралот Сурасант Конгсири, на прес-конференција во Бангкок по објавувањето на полицискиот час.
Тој рече дека Тајланд е исто така отворен за дипломатско решение, но Камбоџа мора да ги запре нападите пред да започне процесот на преговори.
Тајландските сили во саботата соопштија дека уништиле мост што го користела Камбоџа за испорака на тешко оружје и друга опрема во регионот и започнале операција против камбоџанските артилериски единици во крајбрежната покраина Кох Конг, бидејќи Камбоџа го обвини Тајланд за напад на цивилната инфраструктура.
Тајландскиот полициски час ги опфаќа петте области на покраината Трат што се граничат со Кох Конг, со исклучок на туристичките острови Кох Чанг и Кох Куд.
Војската претходно воведе полициски час во источната покраина Сакео, кој останува на сила.
Тајланд и Камбоџа разменија оган од тешко оружје на повеќе точки по должината на нивната 817-километарска граница од понеделник.
