Војската на Мјанмар продолжува да изведува воздушни напади во областите каде што е прогласена вонредна состојба. Народните сили на отпорот – мрежа на продемократски групи на цивилни паравојски – пријавиле воздушни напади во округот Чанг-У во регионот Сагаинг, недалеку од епицентарот на разорниот земјотрес.
„По земјотресот изминатата ноќ имаше три воздушни напади во јужните држави Шан и Карен. Така што тие не престануваат“, изјавил за BBC Дејвид Џубенк од хуманитарната група на отпорот Free Burma Rangers.
Обединетите нации кои го истражуваат кршењето на човековите права во Мјанмар, предупредија дека војската извршува воени злосторства и злосторства против човечноста врз своето население.
Војската се обидува да ја задуши вооружената продемократска побуна која се проширила низ целата земја со цел да ја собори воената хунта од власт. BBC анализата на податоците кон крајот на минатата година покажа дека војската во моментов има помалку од една четвртина територијална контрола над земјата.
Во воздух, сепак, војската и понатаму има супериорност. Користејќи руски и кинески борбени авиони, војската изведува разорни воздушни напади низ целата земја. Мети на нападите биле школи, манастири, цркви и болници. Во еден од најсмртоносните воздушни напади досега, загинале повеќе од 170 луѓе, вклучувајќи многу жени и деца.
Во разорниот земјотрес кој го погоди Мјанмар вчера, загинале 1644 лица, а Американскиот геолошки завод проценува дека тој број може да надмине 10.000.
Бројот на повредени се зголемил на 3408, додека 139 лица се водат како исчезнати.