Во Австралија знамињата ќе бидат спуштени на половина копје во знак на жалост за 15 лица загинати во масовното пукање на плажата Бондаи, изјави австралискиот премиер Ентони Албанезе.
Албанезе на прес-конференција изјави дека Австралија никогаш нема да биде подложена на поделби, насилство или омраза и дека нацијата заедно ќе помине низ овој тежок период.
Бројот на загинати во нападот на плажата Бондаи во Австралија, за време на прославата на еврејскиот празник Ханука, се искачи на 16, меѓу кои и едно дете, изјави министерот за здравство на австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс, Рајан Парк.
Тој за телевизијата ABC изјави дека бројот на убиени вклучува и еден од двајцата напаѓачи. Нагласи дека 38 лица повредени во нападот сè уште се хоспитализирани.
Полицијата претходно соопшти дека еден од осомничените напаѓачи е убиен, додека другиот е во критична состојба.
Претходно беше соопштено дека денес во пукањето врз припадници на еврејската заедница, кои се собрале да го прослават празникот Ханука на плажата Бондаи во Сиднеј, загинале најмалку 12 лица, меѓу кои и еден од двајцата напаѓачи, додека 29 лица биле ранети.
