Светскиот ден на театарот секоја година го обележуваат театри, фестивали и уметници низ целиот свет. Традиција на денот е и меѓународната порака: текст напишан од истакнат театарски уметник, кој се преведува на повеќе од 50 јазици и се чита пред претстави ширум планетата.
На денешното одбележување, меѓународната порака ја потпишува Виљем Дефо, актер познат пред сè по филмските улоги, но со корени длабоко во театарот. Од 1977 до 2003 година бил член на њујоршката трупа Wooster Group, а денес е уметнички директор на Театарското биенале во Венеција. Во својата порака, Дефо зборува за незаменливата моќ на живото театарско искуство во ера на дигитална фрагментација. Споделеното присуство во реално време го гледа како единствен одговор на технологиите кои ветуваат поврзување, а всушност ги изолираат луѓето едни од други.
За Трн, свое видување на театарот денес даде режисерот Срѓан Јаничијевиќ, македонски филмски и театарски режисер познат по својата иновативна режисерска визија и способноста да ги преточи сложените општествени теми во моќни сценски и филмски приказни. Неговите дела често балансираат меѓу хуморот и суровата реалност, истражувајќи ги границите на човечката природа и современото општество.

„Ова е време во кое сите имаат став, а никој нема нерви да слуша. Сите сме гласни, брзи и апсолутно сигурни, но најчесто пред луѓе кои веќе мислат исто како нас. Наместо вистински разговор, добиваме ехо-комори: кажуваш нешто, ти аплаудираат, и сите си заминуваме задоволни што сме спасиле барем мал дел од светот, без никогаш да се сретнеме со некој што навистина не се согласува со нас.
Недоволно ја истражуваме другата перспектива, другиот агол. Или едноставно немаме доволно емпатија да се обидеме да го разбереме.
Театарот секогаш бил жилав и отпорен, но на овој предизвик како да потфрли. Правиме претстави за „нашите”, за публика која однапред знае каде ќе аплаудира. Тоа не е дијалог, туку самопотврда со билет. Малку ќе се потресеме, малку ќе се пофалиме колку сме „храбри”, и на крај сите среќни и весели.
И токму тука театарот станува проповед: морализира, објаснува, „воспитува”. А нема ништо поубиствено за театарот од тоа да стане досаден во својата самозадоволна коректност. Кратко кажано, да попува.
Ако сакаме театарот да не се претвори во уште еден затворен клуб, мора да престанеме да играме на сигурна карта. Не е поентата само кој е на сцената, туку кој воопшто не доаѓа и зошто. Вистинскиот дијалог не е комфорна зона: некој ќе се налути, некој ќе си замине, некој ќе те разбере погрешно. Добро. Така треба. Барем нешто ќе се случи.
Зашто ако сите се согласуваат, тоа веќе не е театар, тоа е само добра презентација со светло и звук. А ова не се случува само кај нас. Тоа е поширок проблем во светот во кој живееме, каде што театарот често ја губи моќта да поврзува различни луѓе и да поставува вистински прашања.”