Ден на независноста, глас на разочараноста

Ни во овој текст нема што повеќе да се каже освен тоа дека само од нашата меморија и од она што нема да го простиме може да произлезе промена. Само со таа горчина и лутина, која длабоко треба да навлезе во нашите вени, можеме да се организираме и со мали, но значајни напори да почнеме да градиме алтернативи. За да можеме одново да стигнеме до надежта и вербата дека тука сепак можеме да живееме.

Денес е денот кога ќе слушнеме многу флоскули за она што се постигнало и тоа каде сме сега, за нашата идинина, некаква гордост и слично. Јас лично, одбивам да го слушам ова и ги пуштам вестите пак за да проверам дали има вест за родителите од Кочани денес. Со таа трагедија, една од најтешките во историјата во оваа земја го започнувам и ќе го завршам овој текст од кој сакам да врисне една само една реченица. Eве до каде се стига во една држава кога системот на неказнивост и партиските игри се ултимативна вредност.

Жал ми е што за Денот на независноста, низ моето и многу други тела и зборови се чувствува отпечатокот од она што пред неколку месеци се случи во Кочани, кое останува како симбол за колективна траума, олицетворение на системските болки, бесот и револтот кон тоа што досега се градело и овозможило да загинат толку многу невини луѓе. Сепак, не се извинувам, затоа што болката што ја чувствуваат сите кои загубија блиски, познаници, сакани таму, кои преиспитуваат каде живеат и дали постоењето овде има смисла, е нешто кое ќе трае засекогаш. Таму каде што сме, најважно е да се покаже дека не сме амбивалентни на болката на другите.

Додека во позадина оди Таму кај што нема плач и воздишка на ХАХАХА го чувствувам бесот и револтот на музиката и посакувам да станам да играм, но од лутина. Кога го пишувам ова знам дека не ми е само мене вака и знам дека на луѓето овде им е преку глава. На сите што ни барале потекло на презиме за да докажеме дали сме важни, кои сме биле прашани чии сме, што имаме, од каде доаѓаме, на сите нас кои сме немале врски за да завршиме нешто кое ни е важно. Ние во Македонија обичните луѓе сме никој и ништо, затоа што вредиме онолку колку што ќе ни одредат. Се плашам и гледам како овој систем на функционирање безобразно ги премина границите и јури уште подрско кон најранливите што се дел од него. Никој не може да го сопре, освен нашиот обичен, граѓански бес. Оној од кој обично и најмногу се плашат, за кој прават сè да се пригуши.

На хартија сме држава, во практика континунирана системска неправда. Тоа го видел најмногу граѓанинот овде, кој редно е да не прости и да не заборави сè што му уништиле. Сите непроспиени ноќи, изгубеното здравје, пари кои не стигнуваат а преживување, борбата за дом, обид за некаков живот. Исцрпени се сите дискусии, ветени се сите нешта што можеле да се ветат, кажани сите лаги кои можеле да се смислат. Ни во овој текст нема што повеќе да се каже освен тоа дека само од нашата меморија и од она што нема да го простиме може да произлезе промена. Само со таа горчина и лутина, која длабоко треба да навлезе во нашите вени, можеме да се организираме и со мали, но значајни напори да почнеме да градиме алтернативи. За да можеме одново да стигнеме до надежта и вербата дека тука сепак можеме да живееме.

Мислам дека на сите ни е колективно преку глава од помпезните говори и меѓусебните препукувања што ќе ги слушаме и читаме денес, затоа што ни е јасно колку е часот. Нашето здравје, земјата во која сме се родиле и растеме, каде се обидуваме да градиме живот, нашите болки и неправди – не се предмет на интерес на оние кои се борат за позиции и никогаш нема да бидат.

Во нашата паралелна реалност, мора да буткаме други луѓе и други приказни ако сакаме за триесетина години од сега да не се чувствува оваа длабока потиштеност и поразеност која практично ни ги јаде надежите. Пред да го направиме тоа, само треба да ни биде јасно колку е тоа тешко и колку сме си потребни едни на други. Можеме ли да разбереме дека немаме друг избор освен да ги надминеме меѓусебните разлики и да сфатиме колку сме си потребни? Зарем има друг спас освен целосен системски рестарт кој мора да го иницираме ние како граѓани, загушени во болката и лутината за еднаш конечно да се тргне кон длабоки општествени промени?

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни