Во сабота, 17 јануари 2026 година, во Кинотека на Македонија ќе се одржи Денот на млада публика, како дел од официјалната програма на European Young Audience Award – престижна награда што претставува официјална категорија на European Film Awards.
На настанот во Скопје ќе учествуваат 50 до 60 ученици од основни и средни училишта, кои истовремено со илјадници нивни врсници од цела Европа ќе ги гледаат номинираните филмови и ќе гласаат за својот фаворит. Победничкиот филм ќе биде прогласен истата вечер, во рамки на свечената церемонија на Европските филмски награди.
Покрај филмските проекции, програмата вклучува и интерактивни дискусии, насочени кон развивање на критичка мисла, медиумска писменост и филмска култура кај младата публика.
Настанот е во организација на Агенција за филм, во соработка со European Film Academy и Кинотеката на Македонија.
Европската сезона на награди е во тек
Номинациите за European Young Audience Award 2026 неодамна беа објавени во Севилја, со што официјално започна европската кампања за промоција на трите филмови избрани за млада публика (12+).
Основана во 2012 година, оваа награда ги слави најдобрите европски филмови за млади. Во период од два месеци, младите низ цела Европа учествуваат како жири – гледаат филмови во кино, онлајн преку European Film Club, на заеднички забави и на завршниот ден за гласање. Токму нивните гласови го одлучуваат победникот.
Номинирани филмови
Меѓу трите филмови номинирани за European Young Audience Award 2026 се најде ARCO на францускиот режисер Ugo Bienvenu. Приказната е сместена во 2075 година и ја следи десетгодишната Ирис, која станува сведок на падот на мистериозно момче во виножитен костим. Arco доаѓа од далечна иднина во која патувањето низ времето е возможно, а одлуката на Ирис да му помогне да се врати дома ја отвора приказната за пријателство, храброст и одговорност. Филмот е снимен во 2025 година и трае 87 минути.
Вториот номиниран филм, I Accidentally Wrote a Book во режија на Nóra Lakos, е унгарско-холандска продукција што нуди топла и инспиративна приказна за 12-годишната Нина. Преку процесот на пишување, таа постепено ја открива историјата на своето семејство, сопствените емоции и својот креативен глас. Филмот се издвојува со уникатен визуелен стил кој умешно ја комбинира играната форма со анимација. Остварувањето е од 2024 година и трае 98 минути.
Третиот филм во селекцијата е Siblings, во режија на италијанската режисерка Greta Scarano. Филмот ја следи Ирен, која се враќа во родниот Римини за да се грижи за својот брат Омар, кој е аутистичен. Неговата желба да стане независен и да настапува како пејач ги носи двајцата низ интензивен „курс за возрасни“ што ги соочува со предизвици, но и со можност за длабока лична трансформација. Siblings е снимен во 2025 година и трае 95 минути.
Во рамки на програмата, млади репортери од цела Европа снимаат интервјуа со режисерите и младите актери од номинираните филмови, а видеата се достапни на YouTube каналот на European Film Club.
