Ден на македонскиот јазик во Романија

Националниот музеј на романската литература во Букурешт, во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Романија, на 6 декември во 18 часот ќе организира манифестација по повод одбележувањето на Денот на македонскиот јазик во оваа земја.

Почнувајќи од 2018 година, 8 Декември доби особено значење за македонската заедница во Романија, како и за Македонија во целина, со донесувањето на законот бр. 214/27.07.2018, со кој Романија официјално го прогласи овој датум за Ден на македонскиот јазик.

На настапот се предвидени обраќања од др. Јоан Кристеску, генерален директор на Националниот музеј на романската литература – Букурешт, в.д. амбасадорот на Македонија во Романија, Златан Беговиќ, како и комесарот на манифестацијата, Јане Теохаревски. Богатата програма, подготвена од историчарот на уметност Марика Теохаревска, ќе продолжи во 19 часот со отворање на изложбата на инфографика „Макало“, авторство на графичкиот дизајнер и типограф Ласко Џуровски. Изложбата ќе биде поставена до 15 декември.

Изложба на Ласко Џуровски во Букурешт

Во рамките на манифестацијата по повод Денот на македонскиот јазик во Романија, во Националниот музеј на романската литература ќе биде отворена изложбата „Макало“ на македонскиот графички дизајнер Ласко Џуровски. На изложбата ќе бидат презентирани повеќе фонтови на македонското кирилично писмо, создадени преку разновидни инспирации.

Фонтот „Макало“ е изработен врз основа на мотиви од македонското културно наследство – везови, шари и старински цртежи од македонските цркви и ракописи. „Рацин“ е инспириран од оригиналните ракописи на Коста Солев Рацин, додека „Аманет“ потекнува од специфичниот напис на sидот во црквата „Воведение на Пресвета Богородица“. Фонтот „Лазар“ ја црпи својата форма од натписи и иконографија во македонските цркви и манастири, а „Глаголица Нова“ претставува модерна дигитална адаптација на старословенската глаголица, создадена за употреба во современата компјутерска технологија.

Изложбата ќе биде отворена за посетители до 15 декември, а манифестацијата се реализира со финансиска поддршка од Лотарија на Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни