Колку вреди Денот на човековите права денес ?

Во време на кризи и неправди, празникот станува прашање, а не прослава.

Според преамбулата на Универзалната декларација за човековите права, човештвото ја гради слободата, правдата и мирот врз едноставен, но непоколеблив принцип: секој човек има достоинство што државата мора да го штити, а не да го преговара. Признавањето на вродените права не е украс во институционален јазик – тоа е основниот договор што треба да нè штити од тиранија, угнетување, страв и сиромаштија. Човековите права постојат за да спречат човекот, кога ќе остане без друг избор, да биде принуден на бунт против неправдата.

Но токму во оваа година, година на трагедии, протести, институционални тензии и недоверба – прашањето за Денот на човековите права станува поактуелно од кога било: колку вреди овој ден ако суштината што ја славиме не ја живееме?

Дали државите навистина се грижат за човековите права?

Оваа година Обединетите нации преку СЗО испраќаат кристално јасна порака: здравјето е човеково право, а не привилегија за оние што имаат ресурси или среќа да не бидат жртви на системските слабости. Под мотото Our Everyday Essentials, повикот е насочен до владите – да изградат силни здравствени системи, да обезбедат универзална заштита, да го намалат ризикот од сиромаштија поради здравствени трошоци и да гарантираат квалитетни услуги за сите.

Но тогаш природно се наметнува прашањето: како да веруваме дека државите се грижат за човековите права ако ни гори млада генерација во дискотека во Македонија? Ако дозволуваме да ни паѓаат настрешници во Србија? Ако војните низ целиот свет секојдневно земаат цивилни животи? Како здравјето и безбедноста да бидат „човеково право“ ако најосновните предуслови за живот се претвораат во непланиран ризик?

Овој глобален контекст го разоткрива најголемиот парадокс на нашето време: човековите права најчесто се слават како симбол, наместо да се практикуваат како обврска. Наместо да бидат темел на политичко делување, тие се сведуваат на декларативна реторика која се активира само во пригодни моменти.

Кога политичките игри ја прекршуваат суштината на правата

Човековите права би требало да се рамката што не обединува – но реалноста покажува дека премногу често тие стануваат празна фраза што политичарите ја користат кога им одговара.

Во Македонија, трагедијата што го потресе Кочани ја разоткри длабоката слабост на институционалната култура. Наместо систем посветен на заштита на граѓаните и транспарентност – видовме препукувања, одложувања и одбрана на функцијата, а не на луѓето. Кога родителите бараат одговори, а институциите одговараат со политичко тактизирање, тогаш правото на вистина, правото на правда и правото на достоинство – исчезнуваат од она што треба да биде нивниот дом: државата.

Од другата страна на границата, во Србија, прашањето што го постави Академскиот пленум – дали неколку минути побрзо патување вредат повеќе од човекови животи – не е само критика кон нов инфраструктурен проект. Тоа е егзистенцијално прашање за тоа дали развојот може да се мери без човечката цена, исто како и претходно. Дали „европската иднина“ е визија или само политичка шуплина кога човековите животи се трошат како колатерални трошоци?

Кога политичките интереси стануваат поважни од човековите животи, државата ја губи моралната основа што ја дефинира како демократска. Правата не смеат да бидат декор додека суштината се распаѓа.

Каде исчезнува суштината?

И во Македонија и во Србија, и во многу други случаи во регионот и светот, проблемот не е само во конкретните трагедии – туку во тоа што државите сè почесто реагираат како да им припаѓаат на институциите, а не на граѓаните.

Кога институциите ја избегнуваат одговорноста, се релативизираат трагедиите или се маргинализира гласот на луѓето, тогаш човековите права се претвораат во формалност – во „европски речник“ кој се повторува на прес-конференции, но не се живее во пракса.

Проблемот не е дека декларацијата е изгубена. Проблемот е што ја редуцираме на говорни точки, наместо да ја третираме како реален, обврзувачки кодекс.

И токму затоа Денот на човековите права денес повеќе наликува на предупредување отколку на празник. Ова е суштината која се губи во нашите политички контексти: човековите права не се празнична реторика – тие се секојдневни предуслови за достоинствен живот.

Кога родител во Кочани бара безбедност, тој бара човеково право.
Кога студент во Србија бара отчетност, тој бара човеково право.
Кога човек се бори за здравствена заштита, тој бара право што му следува со самото негово постоење.

Па, колку вреди овој ден?

Вреди, но само ако го разбереме како обврска, не како украс. Ако ни служи како огледало, не како парада.
Вреди, ако конечно прифатиме дека борбата за човекови права не се мери во говори, декларации или флоскули.

Борбата за човекови права се мери во исправени институции.
Во институции што работат по мерит систем.
Во институции што признаваат, а не прикриваат грешки.
Во институции што ја ставаат безбедноста, здравјето и достоинството на луѓето пред сопствените интереси.

Политичките натпревари не се борба за човекови права.
Трансформирањето на институциите – е.

И ако има нешто што вреди да го одбележиме на овој ден, тоа е ветувањето дека достоинството на човекот ќе стане приоритет, а не стајлинг на политичката сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни