Блискиот исток гори по веста за убиството на иранскиот врховен лидер, ајатолах Али Хамнеи. Таласот протести, кој започна како израз на гнев, во некои градови прерасна во насилни судири со безбедносните сили – со жртви и повредени.
Најдраматични сцени во Карачи и Багдад
Во пакистанскиот пристанишен град Карачи, стотици демонстранти упаднаа во американскиот конзулат, кршејќи прозорци и обидувајќи се да продрат во внатрешноста на комплексот. Според полициското соопштение, најмалку шест лица загинале во нередите. Полицијата и паравоените сили интервенирале со палки и солзавец за да ги растераат демонстрантите. Според полицискиот службеник Мохамед Џавад, најмалку еден демонстрант е убиен во директни судири, а повеќе се повредени. Нападот на конзулатот следеше само неколку часа по објавата за убиството на ајатолах Хамнеи во голем воен удар, за кој одговорноста се припишува на Израел и САД.
Во Багдад ситуацијата се одвива во заштитената дипломатска зона во центарот на градот, каде се наоѓа американската амбасада. Демонстрантите, кои локалните медиуми ги опишуваат како поддржувачи на убиениот ирански лидер, се обиделе да ја пробијат безбедносната кордон. Ирачките безбедносни сили користеле солзавец за да спречат продор во комплексот. Сè уште нема официјални податоци за повредени и уапсени, но снимките кои кружат на социјалните мрежи сведочат за хаотична и напната атмосфера.
Ескалација низ целиот регион
Од раните утрински часови во Ирак се слушале експлозии. Според локалните извори, повторно е гаѓана американската воена база во провинцијата Ербил, во близина на градот и аеродромот. Базата Харир, која се користи за операции против остатоците на Исламската држава, логистика и обука, веќе претходно била цел на напади во периоди на регионални тензии.
Регион на работ
Смртта на врховниот верски лидер на Иран покрена опасна спирала на настани. Дипломатските мисии станаа симболички и реален цел на гневот, а прашањето што останува е – дали ова е почеток на поширока регионална ескалација. Блискиот исток влегува во фаза на неизвесност во која еден настан има потенцијал да го запали целиот регион.