Демонополизирање на конзервативното лице на патриотизмот

Патриотизмот, термин историски вкоренет во гордоста и љубовта кон својата татковина, отсекогаш бил значаен дел на националната свест. Идеално, патриотизмот е позитивна сила, негување единство и заедништво на различностите, промовирање на културното наследство и градење чувство за заедница со крајна цел развој и унапредување на таа заедница.

Инспирирана (или изнервирана посоодветно) од подкастот на самопрогласеното ,,Патриотско друштво,, кој се емитуваше неодамна, каде четворица дечки неартикулирано го надгласуваат едното девојче кое гостува на емисијата, одлучив да пишувам за лицето на патриотизмот кое во последно време во Македонија добива загрижувачки пресврт. Оваа слика е во прва линија симболичен приказ на што значи дискусија во нашето општество (дискусија: нема). Пошироко, ова е сликата за македонскиот патриотизам кој е целосно монополизиран од конзервативните движења. Ако ,,патриотизмот,, кој се негува меѓу младите во моментов е идеја за изградба на држава која ќе биде добра само кон стрејт мажите со македонска етничка припадност, во држава во која живеат и жени и неконзервативни мажи, и ЛГБТ лица, и лица со попреченост, и Македонци со друга етничка припадност, тогаш место останува само за двајца без тројца. Она што некогаш било обединувачка сила, се претвора во агресивно и шовинистичко чувство. Овој бренд на „патриотизам“ (читај: национализам), обележан со исклучувачки и непријателски ставови кон се што не е хетеросексуален маж од македонска етничка припадност, прави само штета и раздор. Ако идејата на патриотизмот е негување на заедништвото и државата, со крајна цел таа да се унапредува, во секоја смисла, било економска, општествена, политичка, здравствена итн. се прашувам како овој наратив ќе придонесе кон тоа.

Треба да разбереме дека хипотетички сценарија не служат како интелектуален аргумент како што „патриотското друштво“ сака да ги презентира. ,,Што ако сите станеме геј?”. A, што ако врбата роди грозје? Жената требала да седи дома и да не е промискуитетна, а мажот да работи и со тоа ја заслужува наградата на промискуитетот – односно фраерлук бидејќи е маж. Вакви и уште безброј други аргументи, излитени ставови кои никогаш никаде не придонеле кон развој и добробит.

Гледајќи низ блиската историја, имам слика дека ВМРО-ДПМНЕ како конзервативна партија да имаше оставено своја партиска етикета и брендинг на патриотизмот, па се доживуваше срамотно да бидат изразени чувства на љубов и негување кон македонската култура и постоење. Или пак, се доживуваше дека изразот на патриотизам подразбира анти-либерални, анти-европски и анти-западен наратив. Сепак, имавме надеж дека доаѓа напредок за државата. Надежта која постоеше за време на шарената револуција неславно згасна, и не остави несигурни, предадени, гневни и немоќни. Сега кога гледаме дека срамот од патриотизмот не не’ доведе никаде, одново има обид да се роди. 

Но ако повторно се монополизира патриотизмот од страна на конзервативните наративи, со негово дефинирање преку тесен, конзервативен поглед, се отуѓува значителен дел од населението, чија љубов кон нивната земја не е ништо помала. Одбивањето на индивидуите да бидат видени како патриоти на основа на нивниот пол, сексуална ориентација или политички убедувања не е само штетно за тие лица, туку и за нацијата во целина. Пластично кажано, постојат жени патриотки, и лезбејки патриотки (меѓу другото). Патриотизмот кој исклучува во својата основа е саморазорен, бидејќи не успева да го искористи целиот потенцијал и страст на сите свои граѓани во заедничкото тежнеење кон градење на нацијата. Оваа исклученост не само што ја поткопува разновидноста и богатството на македонското општество, туку исто така ги поттикнува поделбите наместо единството. Сето ова го спречува општествениот напредок, го задушува конструктивниот дијалог и го намалува колективното чувството на припадност и цел кој е суштински за здравиот развој на која било заедница. Вистинскиот патриотизам процветува на инклузивноста, препознавајќи дека силата на нацијата лежи во прифаќањето на разноликата ткаенина на искуствата, верувањата и придонесите на нејзините граѓани.

Во оваа состојба на паника, лутина и немоќ, се создаваат несигурности и фрустрации кај народот и лесно е да се смеша патриотизмот со национализмот. Кога несигурноста кај групите почнува да надвладува, дефанзивно се претвораме во агресивни животни.

Треба да разбереме дека Македонци се сите кои имаат македонско државјанство. Да се сака една држава значи да се сакаат сите кои во неа живеат и плаќаат данок. Да се сака државата значи да се обезбеди квалитетен здравствен систем за своите граѓани. Да се сака државата значи да не се касапат урбанистичките планови за некоја паричка. Да се сака државата значи да си го собираш ѓубрето зад себе и да не го демолираш секој објект кој не е твој. Да се сака државата значи да се твори на македонски јазик, да се инвестира во културата која ќе остане да живее и по нас.

Додека се караме дали жените треба да имаат еднакви права, дали ЛГБТ лицата треба да имаат воопшто права, младите кои не гледаат смисла во расправање и надвикување ќе си отидат, и тука ќе останат само конзервативните самопрозвани патриоти да се гушат во загадениот воздух. Време е да ја редефинираме национална гордост, усогласувајќи ја со вредностите на толеранција, почит и меѓусебно разбирање.

Авторката е студентка по меѓународно право и односи и активистика во студентски движења

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни