Демократите во САД бараат поврат на 175 милијарди долари од царините на Трамо

Предлог-закон во Сенатот бара целосен поврат на средствата со камата во рок од 180 дена

Група од 22 демократски сенатори поднесе предлог-закон со кој се бара администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во рок од 180 дена да ги врати сите приходи, со камата, собрани од царини што Врховниот Суд ги прогласи за незаконски, објави Reuters.

Предлогот предвидува Агенцијата за царина и гранична заштита (CBP), која ги наплатува царините во американските пристаништа, да изврши целосен поврат на средствата што биле собрани врз основа на Законот за меѓународни вонредни економски овластувања (IEEPA).

Врховниот суд неодамна ги поништи царините воведени под овој закон, но не даде насоки за тоа како да се спроведе евентуален поврат на средствата, туку го врати случајот на понискиот трговски суд за понатамошна одлука.

Со демократскиот предлог се бара враќање на сите царини што биле наплатени врз основа на IEEPA, дури и во случаи кога постапката на увозно царинење веќе била финализирана. Посебен приоритет треба да добијат малите бизниси.

Републиканското раководство засега не најавува дали ќе го стави предлогот на разгледување. Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон изјави дека прашањето за поврат на средствата треба да го реши Белата куќа, а не Конгресот.

Од Белата куќа нема официјален коментар за предлогот. Министерот за финансии Скот Бесент изјави дека администрацијата ќе постапи во согласност со одлуките на пониските судови, но дека може да поминат недели или месеци пред тие да се изјаснат.

Се очекува Агенцијата за царина и гранична заштита да ја прекине наплатата на царините воведени врз основа на IEEPA. Според проценка на економисти од Penn-Wharton Budget Model, одлуката на Врховниот суд отвора можност за поврат на повеќе од 175 милијарди долари. Според нивните анализи, овие царини носеле над 500 милиони долари дневен бруто приход.

Предлог-законот допрва треба да помине процедура во сенатските комисии, што значи дека конечната одлука нема да биде донесена во краток рок. Во меѓувреме, администрацијата ќе чека насоки од пониските судови за начинот и обемот на евентуалниот поврат на средствата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни