Интернационален ден на деомократијата

Демократијата во Македонија: Од Крушевската Република, преку АСНОМ и независноста во 1991, до денешните предизвици

Кога ќе се повлече линија, историјата изгледа како низа од проби: Крушево во 1903, АСНОМ во 1944, независноста во 1991 и денешната борба за зрела и европска демократија. Македонците навистина правеле проби на демократијата – некогаш успешно, некогаш како недовршена претстава. Но секоја проба ја одржувала идејата жива: дека оваа земја е замислена како република на еднаквост, слобода и достоинство

Демократијата често се претставува како конечна форма на праведно владеење. Таа е идеалот за кој се бореле генерации пред нас, владеење од народот, за народот. Но во пракса, демократијата не е статичен систем. Таа е алатка. И како секоја алатка ,зависи од тоа кој ја користи и со каква цел.

Во традициите на Јужните Словени постојат траги од нешто што личи на протодемократија, иако никогаш не било наречено така. Селската задруга, проширена фамилија под заеднички покрив не била само економска заедница, туку и мал совет. Возрасните мажи се собирале, разговарале и решавале за поделба на земјата, за меѓусебните спорови, за тоа како ќе се одговори на даноците или на повикот за војска. Таму сите правеле советувања и правеле одлуки со договор, а не само со сила.
Оваа прастара традиција ќе се почувствува како ехо и во Крушевската Република, и во АСНОМ, и во првите години на независна Македонија.
Секогаш истата идеја: дека демократијата не е странски внос, туку нешто што луѓето отсекогаш го правеле – понекогаш успешно, понекогаш како недовршена претстава.

Од Крушевската Република до Асном


Крушевската Република од 1903 година останува најсветлиот момент во македонската политичка имагинација.
Само десет дена, од 3 до 13 август, градот Крушево живеел во визија за нешто што Балканот речиси не го познавал: секуларна и социјална република. Во срцето на тоа кратко востаничко државување стои Крушевскиот манифест, текст што го надминувал своето време. Во него востаниците им се обратиле не само на Македонците, туку и на Албанците, Власите, Турците и другите народи што живееле во овој крај.
„Ние не кревајме оружје против народите,“ пишува, „туку против тиранијата.“
Тие зборови ја разоткриваат суштината: републиката не била национална држава, туку замислен простор на еднаквост, каде различните ќе живееле како рамноправни.

Крушевската Република била демократска проба во најбуквална смисла. Луѓето правеле совети на граѓани, разговарале за снабдување, за одбрана, за секојдневниот живот под сенката на османлиската војска.
Сите знаеле дека исходот е речиси однапред осуден, но токму затоа таа кратка сцена добила митска димензија.
Во услови кога демократијата во светот била ретка, во едно мало македонско гратче луѓето ја правеле претставата како да имаат цела историја пред себе.
Крушевската Република траела кратко. Османлиските трупи ја задушиле со оган и крв, а градот бил оставен во пепел. Но симболот останал: Македонија ја испробала демократијата, иако само за миг. Тој миг станал темел на идната замисла за држава – не монархија, не тиранија, туку република.

Во 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчински“, се собрало Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ. Тоа бил вториот голем испробување на демократијата во македонската историја. АСНОМ бил плод на партизанската борба и антифашистичкото движење.
Делегати од сите краишта на Македонија донеле одлука за создавање на македонска држава, рамноправна со останатите во федерацијата на југословенските народи.
Во декларацијата бил прогласен македонскиот јазик како официјален, биле вградени идеи за народна власт, за еднаквост на жените и за право на образование на мајчин јазик. Со АСНОМ се родила модерната македонска државност.
Тој чин ги обединил идеалите за слобода, социјална правда и културна самобитност. За многу генерации, времето што следело по 1944 година останало запаметено како златна ера – период кога Македонија првпат добила институции, јазик и јасно изразено чувство за национален идентитет.

Референдум за Незавсина и суверена Македонија



Во септември 1991 година, Македонија ја направила својата трета голема проба на демократијата. На референдумот одржан на 8 септември, граѓаните се изјасниле за суверена и независна држава. Резултатот бил јасен – огромното мнозинство гласало „за“, а тој ден останал врежан како симбол на македонската современа државност.
Следело усвојувањето на новиот Устав, кој ја дефинирал Македонија како независна, суверена и демократска република. Во него биле запишани основните човекови права и слободи, поделбата на власта и гаранцијата на политичкиот плурализам. Тоа бил историски пресврт: по децении во рамките на федерацијата, Македонија добила шанса самата да ја испише својата демократска приказна.

Деведесеттите години биле полни со предизвици – економска транзиција, политичка нестабилност, регионални кризи. Но сепак, основите на демократскиот систем биле поставени: слободни избори, повеќепартиски парламент, независни медиуми што почнале да се појавуваат и ново чувство дека граѓанинот е носител на суверенитетот.
За многумина Македонци, 1991 претставувала продолжување на Крушево и на АСНОМ – трета нишка во истата историска ткаенина. Ако Крушево било визија, а АСНОМ институционална основа, независноста била моментот кога идејата за демократија конечно добила своја целосна држава.

Демократијата денес


Денес, повеќе од три децении по независноста, Македонија продолжува да ја пробува демократијата. Формата постои: повеќепартиски систем, редовни избори, парламент, медиуми и граѓанско општество. Но содржината често е доведена во прашање.
Партискиот клиентелизам ја претворил демократијата во борба за плен, каде партиите се натпреваруваат не толку со идеи, колку со влијание врз институциите и ресурси. Популизмот станал секојдневие – лидерите ветуваат брзи решенија и се претставуваат како глас на „обичниот народ“, додека суштинските реформи остануваат недовршени.
Граѓаните, уморни од транзицијата, често чувствуваат дека гласањето е ритуал, но не и вистинска промена.

И покрај тоа, европската интеграција останува најголемиот поттик и тест за македонската демократија.
Усогласувањето со европските стандарди значи јакнење на владеењето на правото, независност на судството и слобода на медиумите. Тоа е долготраен процес, но и можност демократијата да стане подлабока и поотпорна.
На плоштадите и улиците, граѓаните и понатаму ја бараат својата улога. Протестите – без разлика дали за социјална правда, за екологија, за образование или за човекови права – сведочат дека демократијата во Македонија живее токму во моментите кога народот не молчи.

Демократијата – моќ и злоупотреба

Во својата најдобра форма, демократијата станува поле каде граѓаните учествуваат активно и ја чувствуваат одговорноста за одлуките. Таа е платформа преку која неправдите можат да бидат разобличени, а моќните повикани на отчет. Слободата на изразување, исто така, не е само уставна формулација – таа е простор каде секој глас добива тежина, а секоја критика може да стане искра за промена. Кога функционира, демократијата е моќна алатка преку која народот може да ги наметне своите приоритети и да ја насочи државата одоздола нагоре.

Но, истата таа демократија може да биде и злоупотребена. Популизмот го користи демократскиот јазик за да манипулира со емоциите на народот. Празните ветувања се изговараат со истата сериозност со која некогаш се читале историски прогласи, само за да бидат заборавени веднаш по изборите. Мнозинството понекогаш молчи од комфор, препуштајќи им ја сцената на тие што знаат да викнат погласно. Партиските интереси, пак, лесно се поставуваат над јавниот интерес. Во такви услови, демократијата се сведува на гласање на секои четири години, а сè што се случува во меѓувреме е политички театар, не вистинско управување.
Демократијата не е готова работа што може да се предаде од генерација на генерација како наследство. Таа мора да се негува, да се обновува и да се чува.

Кога ќе се повлече линија, историјата изгледа како низа од проби: Крушево во 1903, АСНОМ во 1944, независноста во 1991 и денешната борба за зрела и европска демократија.
Македонците навистина правеле проби на демократијата – некогаш успешно, некогаш како недовршена претстава.
Но секоја проба ја одржувала идејата жива: дека оваа земја е замислена како република на еднаквост, слобода и достоинство.

А бре Македонче, борба те чека.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни