Сè помалку деца се раѓаат во Европа, Македонија го следи истиот тренд

Наталитетот во Европа се намалува, а стареењето на населението е сè поизразено. Македонија го следи истиот тренд, со последици за економијата и социјалните системи.

Европа се соочува со сè поизразена демографска криза. Во 2024 година, според Евростат, во Европската Унија се родиле само 3,55 милиони бебиња – за 3,3% помалку отколку во претходната година. Стапката на фертилитет паднала на 1,34 деца по жена, што е најниско ниво досега и далеку под потребните 2,1 дете за одржување на населението.

Најниски стапки се забележани во Малта (1,01), Шпанија (1,10) и Литванија (1,11). Некои интернет-магазици прикажуваат бројки како 0,85 за Украина, но тоа не е официјален пресек на Евростат, што ја прави разликата суштинска.

Нискиот наталитет не е само проблем на ЕУ – речиси цела Европа се наоѓа под прагот на проста репродукција. Центарот за истражување и креирање политики во Скопје предупредува дека и земјите од Западен Балкан влегуваат во долг циклус на стареење, намалување на бројот на раѓања и празнење на помалите средини.

Македонија го следи истиот тренд. Во 2024 година, според Државниот завод за статистика, во земјата се родиле 16.061 живородено дете, што е 4% помалку од претходната година. Стапката на фертилитет паднала на 1,44, од 1,49 во 2023 година. Иако ова не е најниско во Европа, доволно е да покаже дека земјата е дел од истата демографска реалност.

Причините се комплексни: несигурни приходи, високи трошоци за домување, доцнење на првото родителство, недоволна поддршка за грижа за деца и променети животни модели. Ова веќе не е приказна за „луѓето не сакаат деца“, туку за тоа дека условите за формирање семејство стануваат сè потешки.

Последиците се економски и социјални: помалку работоспособни граѓани, повеќе постари лица, притисок врз пензискиот и здравствениот систем, како и предизвици за развојот на регионите. Европа е веќе во таа фаза, а Македонија ја живее кризата заедно со континентот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни