Заклетвата на Делси Родригез како привремена претседателка на Венецуела, по отстранувањето на Николас Мадуро од страна на САД, претставува уште еден пресврт во долгата и турбулентна историја на венецуелскиот социјалистички проект познат како чавизам.
Но, која е навистина Делси Родригез и како нејзиното семејно потекло и политичките врски го обликувале нејзиниот пат до врвот на власта?
Семејно наследство и рана политичка траума
Родригез, 56-годишна правничка, во последната деценија брзо се искачи низ хиерархијата на моќта во палатата Мирафлорес. Нејзиниот политички идентитет, меѓутоа, е нераскинливо поврзан со семејната историја, особено со ликот на нејзиниот татко, Хосе Антонио Родригез.
Тој бил активен студентски лидер и милитант во неколку левичарски вооружени движења и коосновач на Социјалистичката лига – маргинална партија која ја отфрлала изборната демократија и повикувала на бојкот на изборите.
Во 1976 година, според наводи, Хосе Антонио Родригез учествувал во киднапирањето на американскиот бизнисмен Вилијам Најхаус, кој герилските групи го обвиниле дека е агент на ЦИА. Неколку месеци подоцна бил уапсен од тогашната тајна служба и починал во притвор, а семејството тврди дека бил мачен. Делси имала само седум години.
И таа и нејзиниот брат Хорхе подоцна јавно зборувале за овој настан како клучна лична и политичка траума што го обликувала нивниот светоглед.
Образование и академски контроверзии
Братот и сестрата Родригез средното образование го завршиле во јавно училиште поврзано со Централниот универзитет на Венецуела, институција позната како расадник на марксистички активизам.
Делси дипломирала право, додека Хорхе се образувал како психијатар. Според официјалните биографии, Делси подоцна завршила постдипломски студии по трудово право во Париз и социјална политика во Лондон, иако за тие квалификации не постои јавно достапна документација од универзитетите.
Од Чавез до Мадуро
Политичката кариера на Родригез започнува за време на првиот мандат на Уго Чавез во 1999 година, најпрво на технички и бирократски позиции. Работела во кабинетот на потпретседателот и во Министерството за енергетика и рударство.
По смртта на Чавез во 2013 година и консолидирањето на власта на Мадуро, нејзината улога станува отворено политичка. Таа беше министерка за комуникации, министерка за надворешни работи, а во 2017 година и претседателка на Уставотворното собрание.
Под нејзино водство, тоа тело си додели широка власт над другите институции, под изговор за изработка на нов устав – процес кој никогаш не беше завршен.
„Тигрицата“ на режимот
Мадуро јавно ја опиша Родригез како личност која го брани венецуелскиот суверенитет „како тигрица“. Назначувајќи ја за потпретседателка во 2018 година, ја нарече „храбра, револуционерна и проверена во илјада битки“.
Денес, како привремена претседателка, Делси Родригез се наоѓа во центарот на длабока политичка и геополитичка криза, а нејзината улога ќе биде клучна за иднината на Венецуела и за судбината на чавизмот.
