Помирлив тон од Делси Родригез: В.д. претседателката на Венецуела ги повика САД на дијалог и соработка

По апсењето на Николас Мадуро, привремената претседателка Делси Родригез првпат испрати порака за мир, повикувајќи на соработка со Вашингтон во рамки на меѓународното право.
Foto: EPA/MIGUEL GUTIERREZ

Вршителката на должност претседател на Венецуела, Делси Родригез, упати повик до Соединетите Американски Држави за соработка и дијалог, заземајќи помирлив тон кон Вашингтон за првпат откако американските сили го уапсија претседателот Николас Мадуро, јави Ројтерс.

Во објава на социјалните мрежи, Родригез порача дека владата на Венецуела како приоритет поставува чекори што водат кон „урамнотежени и взаемно почитувани меѓународни односи“ со САД и со земјите од регионот.

„Ја повикуваме владата на САД на соработка со нас на агенда насочена кон заеднички развој, во рамки на меѓународното право и со цел зајакнување на трајна и мирна коегзистенција меѓу народите“, напиша Родригез, порачувајќи му на американскиот претседател Доналд Трамп дека народите на двете земји и целиот регион заслужуваат мир и дијалог, а не војна.

Родригез, поранешна министерка за нафта, важи за еден од попрагматичните политичари во Венецуела и, според изјави на Трамп, се смета за подготвена за соработка со САД. Во исто време, таа, како и други венецуелски функционери, апсењето на Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес го нарече „киднапирање“, нагласувајќи дека Мадуро останува легитимен лидер на земјата.

Мадуро и Флорес, кои беа приведени за време на американската воена операција во Венецуела, се наоѓаат во притворен центар во Бруклин, каде што се очекува денеска да се појават пред суд.

Во меѓувреме, Врховниот суд на Венецуела ѝ наложи на Родригез да ја преземе функцијата претседател, а венецуелската армија официјално ја призна нејзината нова позиција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни