Романија е погодена од силна снежна бура, во главниот град Букурешт е на сила црвен временски аларм од раните утрински часови.
Властите издадоа предупредување до граѓаните во 28 окрузи да не ги напуштаат своите домови додека не се стабилизираат временските услови.
Од невремето предизвикани се материјални штети и проблеми во сообраќајот, а до сега нема извештаи за жртви.
Поради снегот затворени се два автопати и неколку национални патишта, додека железничкиот сообраќај е прекинат на некои линии. Возовите што тргнуваат или пристигнуваат на Северната станица во Букурешт доцнеа до шест часа, а најмалку 13 летови беа откажани.
Снежната бура го парализираше и јавниот превоз. Автобус на STB се заглави во градот Корогара во округот Илфов, па патниците мораа да излезат и да го туркаат возилото додека не пристигнат машини за да го извлечат.
Некои трамваи беа блокирани од снег, а на некои линии беа пријавени привремени прекини на електричната енергија.
Сообраќајната полиција соопшти дека екипи се распоредени на главните патишта и во критичните области за да се спречи застојот и да се обезбеди патниот сообраќај. Иако главните „артерии“ не се блокирани, сообраќајот се одвива во тешки услови, особено на булеварот Јулиу Маниу и во областите каде што се отстранува снегот од трамвајските шини.
Службите за итни случаи добија 485 повици за помош за само 12 часа, главно поради возилата што не можат да се движат низ градот.
Поради невремето, училиштата во неколку окрузи, вклучувајќи ги Вранчеа, Галати и Браила, се префрлија на онлајн настава, додека властите ја следат ситуацијата и се подготвени да воведат дополнителни мерки доколку снежната бура продолжи.
Метеоролозите предупредуваат дека снежните врнежи и силните ветрови ќе продолжат, со продолжени жолти и портокалови предупредувања за неколку региони во земјата.