Делхи воведува хибридна настава поради загадениот воздух

Во индиската престолнина Делхи, училиштата преминуваат на хибридна настава за учениците од пониските одделенија, додека градежните активности што не се неопходни се забранети, поради драматично влошување на квалитетот на воздухот.

Според податоците на Централниот одбор за контрола на загадувањето, нивото на ситни честички PM2.5 во воздухот во средата достигнало 438 микрограми на кубен метар – што е 30 пати повеќе од безбедната граница утврдена од Светската здравствена организација (СЗО) и осум пати повисоко од индискиот национален просек.

Властите ја прогласија состојбата за „многу тешка“, предупредувајќи дека загадувањето може да предизвика здравствени последици и кај здравите лица, а сериозно да ги загрози оние со хронични заболувања.

Лекарите апелираат граѓаните, особено децата и повозрасните лица, да избегнуваат излегување на отворено и да носат заштитни маски при неопходно движење.

Меѓу мерките што се спроведуваат се и ограничување на движењето на товарни возила, забрана за минирање и дробење камен, како и користење на таканаречени „смог-пушки“ – машини кои распрскуваат вода за да се намали прашината и загадувањето во воздухот.

Загадениот воздух е повторувачки проблем во Делхи, особено во зимскиот период. Комбинацијата од слаби ветрови, ниски температури, издувни гасови, индустриски емисии и палење на стрништа во соседните држави создава густ слој смог што ја прекрива метрополата.

Во тек е третата фаза од Планот за итен одговор на загадување (GRAP), кој се активира кога концентрациите достигнуваат критични нивоа.

Состојбата предизвика и јавни протести и политички обвинувања. Опозициската Аам Адми партија (AAP) ја обвини владата на Делхи дека ги „манипулира“ податоците за квалитетот на воздухот и не ги штити граѓаните, барајќи прогласување вонредна состојба поради јавно здравје.

Од друга страна, властите тврдат дека работат со полна сериозност и одговорност за справување со кризата. Министерот за животна средина Манџиндер Сингх Сирса изјави дека податоците за загадувањето се јавни и дека прскањето со вода околу мерните станици е мерка за намалување на прашината, а не за прикривање на вистинските бројки.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни