Индиските безбедносни служби уапсија маж осомничен за поврзаност со минатонеделниот терористички напад со автомобил-бомба во Делхи, во кој загинаа осум, а 20 лица беа повредени. Националната истражна агенција (NIA) соопшти дека возилото користено во експлозијата било регистрирано на името на уапсениот, жител на индискиот дел на Кашмир, и дека постојат сомнежи дека соработувал со наводниот напаѓач самоубиец.
Експлозијата се случила кај Црвената тврдина – една од најпознатите историски знаменитости во индискиот главен град – во понеделник во 18:52 часот по локално време. Сведоштва и снимки од местото го покажуваат уништениот бел автомобил Hyundai i20, како и оштетени рикши и неколку други возила.
Случајот ја шокираше јавноста бидејќи Делхи не се соочил со ваков тип напад од 2011 година. Премиерот Нарендра Моди го нарече инцидентот „урота“, ветувајќи дека извршителите и нивните поддржувачи ќе бидат изнесени пред правдата. Лидерот на опозицијата Рахул Ганди изјави дека веста е „длабоко потресна“.
Во тек е широка истрага: испитани се 73 сведоци, вклучително и повредени лица, а запленето е уште едно возило за кое се верува дека припаѓало на бомбашот самоубиец. Полицијата паралелно проверува дали случајот е поврзан со неодамнешното апсење на седум лица во Кашмир, како и со откриените 2.9 тони експлозиви во предградијата на Делхи.
Истрагата продолжува, а властите предупредуваат дека можно е зад нападот да стои поширока мрежа.
