Детали од страшниот напад на Киев: 500 дронови и 40 ракети за 12 часа – четворица, меѓу нив и дете

Русија изврши масовен напад врз Киев и Запорожје со речиси 500 дронови и над 40 ракети. Загинаа четири лица, вклучувајќи и 12-годишно девојче, а над 30 се повредени. Нападот предизвика зголемена тревога во НАТО.

Најмалку четири лица, меѓу кои и дванаесетгодишно девојче, загинаа, а 37 се повредени во најновиот масовен руски напад кој траеше повеќе од 12 часа.

Според претседателот Володимир Зеленски, Русија лансирала речиси 500 дронови и над 40 проектили, при што најголема штета претрпеа Киев и Запорожје, пренесува The Kyiv Independent.

Жртви и уништување во Киев

Во главниот град беа оштетени речиси 20 локации во шест различни реони, вклучувајќи и петкатница која беше делумно уништена, потврди градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. Сите четири жртви – меѓу кои и 12-годишно девојче – загинаа во Киев, каде што уште најмалку 10 лица се повредени.

Запорожје тешко погодено

Тешки удари имаше и во југоисточниот град Запорожје. Гувернерот на Запорошката област, Иван Федоров, соопшти дека најмалку 27 лица се повредени, меѓу кои тројца деца кои се хоспитализирани. Две деца се во тешка состојба – едното поради повреди од експлозија, а другото поради труење со јаглерод моноксид.

„Подмолна тактика и нечовечка жед за човечко страдање“, изјави Регина Харченко, вршителка на должноста претседател на Градскиот совет на Запорожје.
„Горат детски играчки, фотографии, книги… Градот пак ги брои раните.“

Во нападот врз Запорожје е погодена цивилна инфраструктура – еден проекти во директен погодок уништил станбена зграда. Оштетени се девет куќи, 14 згради, училиште и фабрички капацитети.

Масовна воздушна активност

Во текот на ноќта, ројеви дронови „Шахед“ напаѓале низ повеќе украински региони. Експлозии се слушале во Киев, Запорожје, како и во Хмелницка и Сумска област.

Според украински извори за следење, пет руски бомбардери Ту-95 полетале од базата Олења, а подоцна биле активирани и МиГ-31К, што предизвика вонредна воздушна тревога низ целата земја.

Украинското воено воздухопловство предупреди и на можна закана од проектили лансирани од базата „Енгелс“. Во Хмелницка област е активирана ПВО одбрана, а првичните информации велат дека таму нема жртви.

Полска активира борбени авиони – расте тензијата во НАТО

Како реакција на масовниот напад во близина на нејзината граница, Полска активираше борбени авиони – мерка што ја презема при секоја закана кон западна Украина. Привремено беше затворен воздушниот простор над Лублин и Жешов поради „непланирани воени активности“.

Овој инцидент доаѓа во период кога руските дронови и авиони сè почесто го нарушуваат воздушниот простор на НАТО, што предизвика засилена тревога во Алијансата.

Украинските власти предупредуваат дека со доаѓањето на постудените месеци, Русија најверојатно ќе ги засили нападите врз енергетската инфраструктура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни