„Декамерон“ на Мартин Кочовски го отвора 48. Млад отворен театар

Овогодинешното 48. издание на фестивалот Млад отворен театар – МОТ, од 8 до 18 ноември, ќе се распостеле на повеќе локации во Скопје и ќе донесе вкупно 29 театарски настани, претстави, работилници, промоции и мастерклас предавања од Македонија, Хрватска, Словенија, Србија, Италија, Германија, Естонија, Чешка

Претставата „Декамерон“, во режија на Мартин Кочовски, на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, на 8 ноември, од 20 часот, во салата „25 Мај“ при МКЦ ќе го отвори 48. издание на фестивалот Млад отворен театар – МОТ, којшто годинава до 18 ноември ќе донесе 29 театарски настани, претстави, работилници, промоции и мастерклас предавања од Македонија, Хрватска, Словенија, Србија, Италија, Германија, Естонија, Чешка.

Создадена според познатото дело на Џовани Бокачо, претставата „Декамерон“ зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост, но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста. „Специфичната природа на односи, која ни е зададена во овој период, само ги извлече на површина проблемите на општеството што сме ги имале. Изолираноста на индивидуата, отуѓувањето по секоја основа и класната поделба сега станаа видливи, но постоеле со децении. Во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со ‘Декамерон’, со триумфот на потребата за живот. Животот, радоста и среќа, овде и сега“, се посочува кон претставата во која улогите ги толкуваат: Александар Степанулески, Наташа Ацански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска-Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски.

На 9 ноември, пак, од 19 часот во Националната опера и балет ќе се изведе „Браќа Карамазови“, претстава со која хрватскиот наградуван режисер Оливер Фрљиќ, по девет години се врати на сцената на „Загрепско казалиште младих“ – ЗКМ. Оваа современа обработка на делото на Достоевски, е работена во два дела, како две посебни претстави, заедно заокружувајќи се во една претстава. Па така, публиката ќе има можност да одбере дали ќе го гледа првиот, вториот или двата дела на претставата.

Инаку, МОТ и на ова издание ја продолжува минатогодишната иницијатива за поддршка и промоција на домашната независна сцена. „И оваа година МОТ ја доделува наградата БИШ, иницијатива која ја започнавме минатата година, како дел од нашите заложби за поддршка и промоција на домашната (пред сè) независна сцена. На отворениот повик се пријавија 25 театарски претстави од домашната независна продукција, а на фестивалот ќе бидат прикажани шест селектирани претстави. Оценувањето на претставите го прави тричлено меѓународно жири“, истакнува Русе Арсов во името на тимот на Младинскиот културен центар, организатор на фестивалот МОТ.

Пред скопската публика, на 11 октомври, од 20 часот во „Фросина“ при МКЦ ќе биде изведена претставата „Геа“, во продукција на „ЕросАнтЕрос“ тетарот од Италија, меѓународна копродукција во која учествува и МКЦ/МОТ фестивалот, а која е реализирана како најдобар проект на EFFEA програмата за 2023 година. Гea, исконската божица на неисцрпната моќ на творецот, божествената сила на Земјата и потеклото на самиот живот, е главниот лик на ова ново патување. Мајка на небото и морето, на ноќта и денот, таа е протагонистка на остра жалост, која го продолжува вокално-музичкото истражување на ЕросАнтЕрос, а во исто време влегува во однос со префинет видеоуред, кој ја поттикнува публиката да не остане рамнодушна кон минатото, сегашноста и иднината на нашиот единствен заеднички дом: Геа, Земјата. Режијата е на Давиде Сако.

На 15 ноември, од 20 часот во Џебното кино при МКЦ, пак, премиерата ќе има претставата „Поол“ во режија на Шенај Мандек, а во копродукција меѓу минатогодишните добитници на наградата БИШ 2022 Артопиа и Хибрид. Претставата „Поол“, која е работена по мотиви на Марк Рејвенхил хипнотично ја раскажува приказната, но сурово ги распарчува лажните идеали разоткривајќи ја вистинската слика за уметниците, пријателството и љубомората, која се претвора во болна амбиција за успех.

При крајот на фестивалот (од 16 до 18 ноември), на сцената во Железничката зграда во Скопје, ќе биде претставен перформансот/тетараската инсталација во три дела „Градот како сцена II – приказна за шетачот“ на Филип Јовановски, а како продолжение на истражувањето претставено во рамки на националниот павилјон на Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс дизајн и простор во 2023 година. По овогодишното претставување, кое партнерски го реализираа Факултет за работи што не се учат -ФРУ и МОТ, во рамките на оваа тридневна програма гости ќе бидат и водечките лица на Прашкото квардинале.

„Скриената улога на продуцентот“, пак, е насловот на мастеркласот што на 10 ноември, од 17 часот, на ФДУ ќе го одржи Душан Пернат, долгогодишен продуцентот и менаџер за турнеи на Словенско младинско гледалишче од Љубљана. Придружната програма на фестивалот ќе биде надополнета и со промоција на монографијата за Коле Чашуле на проф. Ана Стојановска, работилница на режисерот Мираз Метин, а во соработка со Локомотива од Скопје ќе биде реализирана и дискусија – кураторски разговори „Институција која недостасува/Дијалог кој недостасува“.

Достоевски е мотив и за крајот на вечерните театарски претстави на МОТ. На 17 ноември, од 20 часот, во салата „25 мај“ при МКЦ, публиката ќе може да ја погледне „Евангелие по Ф.М. Достоевски“ во режија на Јернеј Лоренци, а во изведба на Српски народен театар од Нови Сад, Србија.

Инаку, како што информираа од МКЦ, годинешната програма на фестивалот МОТ е поддржана од Министерството за култура (3.900.000 денари), Градот Скопје (650.000 денари), а преку партнерства, фондови, амбасади и министерства на други држави, за достојно одбележување на фестивалот обезбедени биле уште дополнителни 2.300.000 денари. Дизајн на постерот на фестивалот е Бабак Сафари – графички дизајнер од Иран. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни