Иако многумина очекуваа и се надеваа, сепак ракометното крило на Еурофарм Пелистер, Дејан Манасков објави дека во моментов нема простор за негово враќање во дресот на македонската репрезентација.
Тој својот став го кажа на социјалните мрежи.
„Почитувани, Би сакал да ја информирам цела македонска јавност и сите медиуми дека во моментов, за доброто на националниот тим, нема да настапувам за македонската ракометна репрезентација. Ќе бидам искрен и краток во моето обраќање и објаснување на одлуката. Во изминатите единаесет години, колку што настапував за македонската селекција, секогаш со чест и гордост го носев светиот дрес.
Се борев и настапував секогаш со цело срце. Моите односи со селекторот Кирил Лазаров се нарушени и не гледам простор во моментов истите да се подобрат. Последните две години неправедно бев неповикуван.
После сè што дадов, чувствувам дека Македонија премногу лесно се откажа од мене. Тоа премногу ме погоди и после долго размислување ја донесов оваа одлука. Им посакувам многу среќа и успех на репрезентативците во следниов период. Дотогаш ќе бидам ваш најголем навивач и поддржувач. До некое следно видување Македонијо!“, напиша Дејан Манасков.
Инаку, спортската јавност очекуваше враќање на Манасков во репрезентацијата пред сè поради одличните игри и формата во која се наоѓа.
