Дејан Дуковски – Автор во фокус на 60. јубилеен МТФ „Војдан Чернодрински“

Јубилејното издание на Македонскиот театарски фестивал во Прилеп ќе му посвети ден на еден од највлијателните современи македонски драмски автори – Дејан Дуковски, чија драматургија остави длабок белег врз регионалната сцена.

    Дејан Дуковски, еден од највлијателните и најизведувани македонски драмски автори, ќе биде Автор во фокус на претстојното 60. Јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Фестивалот ќе му посвети ден на авторот во кој со различни содржини ќе биде потенцирана важноста на Дуковски за македонската театарска меморија и култура, воопшто. Фестивалот годинава ќе се одржи од 12 до 19 јуни 2026 година.

    Името на Дуковски е синоним за постмодерната драма во Македонија, а неговите текстови се препознаени како дел од поширокиот европски тренд на „нова драма“ или „in-yer-face theatre“. Со повеќе од сто и педесет евидентирани премиерни изведби на своите драми на сцените низ светот, Дуковски е најизведуваниот македонски автор надвор од Македонија. Освен драмски текстови, Дуковски е автор и на сценарија и драматург.

    Дипломирал драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1990 година, во класата на Горан Стефановски. Во раните 90-ти работи како драматург во Македонската радио-телевизија, од 1993 година е дел од наставниот кадар на Факултетот за драмски уметности  Скопје, како асистент по предметот Филмско и телевизиско сценарио, а од 1996 година е доцент на Катедрата за драматургија на истиот факултет. Од 2015 година е драматург во Македонскиот народен театар. Престојувал на резиденција како писател во Дојче шаушпилхаус во Хамбург, Германија.

    Неговото творештво се развива во период на политички и културни потреси: распадот на Југославија, транзицијата кон независна држава и потребата за нови уметнички јазици што ќе го изразат искуството во времето на постсоцијализмот. Во тој контекст, Дуковски се појавува кон крајот на 80-тите со драми како Балканска гротеска (1988), Последниот балкански вампир (1989), а веднаш потоа и со Силјан Штркот шанца (1991), кои го најавуваат неговиот специфичен авторски ракопис: ироничен, фрагментиран, со ликови на работ на општеството.

    Во 1992 ја пишува „Балканот не е мртов“, драма која станува симбол на новата македонска постмодерна драма, поставувана во повеќе земји во Европа. Неговиот најпоставуван текст е „Буре барут“ (1994) кој, покрај праизведбата во МНТ (1994), изведен е и на повеќе од педесет сцени и преведен на многу јазици во Европа и светот. „Буре барут“ доживува премиера неколку месеци пред „Разнесени“ на Сара Кејн и често се наведува како претходник на „in-yer-face“ драмата. Филмската адаптација на текстот, во режија на Горан Паскаљевиќ, добива меѓународни награди, меѓу кои ФИПРЕСЦИ награда за најдобар филм (Венеција, 1998), Гран при на фестивалите во Анталија, Хаифа и Скопје, и награда од Европската асоцијација на критичари (Лондон, 1998).

    Неговите текстови се карактеризираат со фрагментарна структура, директен јазик, ликови во апсурдни ситуации и тематизација на Балканот. Користи постмодернистички пристап и рециклира познати македонски драмски наративи. Таков е случајот во „Балканот не е мртов“, каде што ја реинтерпретира „Македонска крвава свадба“ на Војдан Чернодрински, и во „Силјан Штркот шанца“,каде што основниот мотив е приказната на Марко Цепенков. 

    Награден е и на БИТЕФ – Белград (1997) за „Маме му ебам кој прв почна“, добитник е на наградата „Војдан Чернодрински“ (1993, 1995), како и на „Бронзена камера 300“ на ИФФ „Браќа Манаки“ (1998).

    Дуковски е автор чиј театарски јазик ги надминува локалните рамки и се вмрежува во пошироката европска драмска сцена. Неговите дела се преведени на осумнаесет јазици и поставувани на повеќе од сто и педесет сцени низ светот. Со своето творештво тој придонесува за редефинирање на македонскиот театар по осамостојувањето и за неговото меѓународно позиционирање.

    Во изминатите три изданија, МТФ „Војдан Чернодрински“ им посвети внимание на творештвата на прилепски театарски уметници со програмата „Прилеп во фокус“ (2024), на Горан Стефановски (2023) и на Коле Чашуле (2022).

    е-Трн да боцка во твојот инбокс

    Последни колумни