Дефектот на парното лоциран во Центар, остатокот од Скопје ќе добие греење

Откако денес Скопје остана со ладни радијатори, од ЕСМ снабдување известија дека до тоа дошоло поради зголемени загуби на вода во некој дел од топлификациската дистрибутивна мрежа.
Фото: Freepik

Дефектот на топлификациската дистрибутивна мрежа заради кој утрово цело Скопје остана без парно се случил во Општината Центар, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен. Како што информираат од ЕСМ Снабдување со топлина, проблемот е лоциран и ќе се работи на негово отстранување. Во меѓувреме, без парно ќе останат само жителите на оваа општина кои се снабдуваат преку тој вод, додека снабдувањето со топлина во остатокот од градот ќе се нормализира во текот на денот, пишува Мета.мк.

„Поради зголемени загуби на вода во топлификациската дистрибутивна мрежа дел од потрошувачите на ЕСМ Снабдување со топлина почувствуваа намален квалитет во испораката на топлинска енергија. Екипите на Дистрибуција на топлина излегоа на терен, го лоцираа проблемот и го локализираа дефектот. Станува збор за магистрален вод А во Општина Центар што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен“, се вели во соопштението на ЕСМ- Снабдување со топлина.

Од компанијата првично објавија дека за да се открие точната локација на дефектот што се случил утрово било неопходно да се намали снабдувањето за целиот град, а сега кога проблемот е локализиран, остатокот од Скопје ќе добие парно.

Од ЕСМ Снабдување посочуваат дека дефектот е последица на негрижата и неодржувањето на дистрибутивната мрежа во минатото, но и уверуваат дека работат на надминување на проблемот. Тие ги упатуваат потрошувачите за дополнителни информации да се обратат во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075400100.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни