Deep Dish во Intermezzo – Скопје може, но…

Скопје доби редок клубски настан по европски стандарди. Дисциплинирана публика, беспрекорна организација и андерграунд сет кој го врати вистинскиот дух на електронската музика. Но…

Скопје синоќа имаше можност да почувствува настан организиран со прецизност и вкус. Настапот на Deep Dish во Intermezzo е лекција дека градот има публика и организација подготвени за високо ниво на електронска култура.

ДЏ дуото, составено од Dubfire и Sharam, инаку иранско-американски состав кој ги обележа 90-тите со уникатен спој на хаус, прогресив и тех звучности, настапи во Скопје по подолго време. Со повеќе децении зад себе, Deep Dish остануваат пример за артистичка доследност и способност да го обновуваат звукот без да подлегнат на трендовите.

Организацијата во Intermezzo беше прецизна. Влезот до 20 часот, вечер без фото и видео и публика која навреме пристигна и целосно го прифати правилото „телефони во џеб“. Атмосферата беше фокусирана, културна и со редок баланс меѓу еуфорија и почит.

Андерграунд звук

Deep Dish започнаа нешто по 22:30, со длабок андерграунд сет без доминација на хитови. Темните линии се преклопуваа со органски ритам и минималистичка динамика што ја држеше публиката во постојано движење. Тоа беше сет што вози, ослободен од актуелните “афро-хаус песнички за потпевнување”.

И покрај полниот клуб, гужвата беше поднослива благодарение на добрата вентилација и внимателниот распоред. Настанот течеше мирно и професионално, со јасна организациска контрола и чувство на безбедност.

Полицијата ненадејно го прекина настанот на полноќ

Токму кога вечерта требаше да достигне врв, музиката ненадејно запре, после упад и интервенција од полицијата.

Според неофицијални извори, прекинот следел по полициска интервенција поради поплака од граѓани на Капиштец за гласна музика, иако клубот има дозвола за работа до 01 часот и редовно работи со исто ниво на гласност.

Останува нејасно зошто токму оваа вечер било направено исклучок. Овој факт не ја потемни позитивната енергија на настанот, но ја отвори темата за односот меѓу клубската сцена и институциите.

Од Intermezzo реагираа со смирена, но јасна и самоуверена порака:

„Vol.1 is done. Thank you Deep Dish. Thank you Skopje… Убавата енергија не можеш да ја запреш. Можеш само да ја засилиш! Vol.2 coming soon.“

Синоќа Скопје навистина покажа дека може и дека во градот постои критична маса која знае да препознае и да почитува вистински звук.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни