По празничниот успех и големиот интерес од публиката, специјалната мултимедијална новогодишна претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ продолжува и во 2026 година со нови термини на изведби. Настанот, кој ја спои театарската магија со вистинско возење со легендарниот воз „Шпанец“, повторно ќе ги отвори пероните за најмладите и нивните семејства.
Претставата не е само сценска изведба, туку целосно доживување што започнува со интерактивна театарска приказна, исполнета со музика, светло, игра и детска радост а продолжува на пероните каде најмладите може да уживаат во кратка прошетка возење со воз. Токму оваа комбинација ја направи претставата една од најпосетените празнични програми во Скопје.
Редакција ТРН ја сведочеше новогодишната магија што ја донесе претставата.
Поради зголемениот интерес, организаторите отворија нови термини на изведби, кои ќе се одржат во првите денови од јануари: Изведбите се закажани на 2 јануари 2026 година во 19:00 часот, на 3 јануари во 12:00 и 19:00 часот, како и на 4 јануари во 12:00 и 19:00 часот.
Цената на билет за претставата изнесува 500 денари, додека билетот за возење со легендарниот „Шпанец“ чини 100 денари по седиште. Билетите можат да се набават на билетарницата на Железничката станица во Скопје.
Резервации се возможни преку е-пошта на dedomrazdojdesovz@gmail.com, како и на телефонските броеви 072 604 034 и 075 295 905.
Настанот е во организација на Училиштето за театар „Од игра до претстава“, во соработка со Македонски железници – Транспорт и Македонски железници – Инфраструктура. Организаторите порачуваат дека токму ваквите проекти, кои ја оживуваат празничната магија и детската имагинација, се доказ дека културните содржини за деца можат да бидат креативни, интерактивни и незаборавни.
