Оваа зима, магијата на празниците ќе се пресели на Железничката станица во Скопје, каде што Дедо Мраз ќе пристигне со вистински воз! Мултимедијалниот новогодишен настан, „Дедо Мраз дојде со воз,“ ќе ја има својата премиера на 23 декември во 19 часот, на сцената, музејската поставка и перонот број 1.
Настанот е организиран од училиштето за театар „Од игра до претстава,“ во соработка со Македонски железници. За да ја оживеат магијата, тимот успеа да реставрира локомотива од 1942 година и вагон од 1950-тите, кои некогаш ги носеле патниците низ Македонија.
Проектот е замисла на Миодраг Костиќ, кој е автор и продуцент, додека текстот и режијата ги потпишува Игор Ивковиќ. Во претставата учествуваат Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Мила Трајковски, Ведра Димова, Александар Спироски, како и децата од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
По премиерата на 23 декември, претставата ќе се изведува и на 26, 27, 29 и 30 декември во 19 часот. Билетите се достапни на билетарницата на железничката станица и преку системот на Мк тикетс.