Трн: За што сонува дедо Мраз?
Дедо Мраз: Кога ќе се појават ѕвездите на небото и кога месечината силно ќе ја осветли планината со елки на кои наврнало многу снег, кога децата ќе ги совада сонот, дедо Мраз со санката и со своите ирваси кои имаат волшебна сила, тргнуваат да носат подароци за сите дец на светот, за секој да има по нешто.
Сонот на дедо Мраз е да има здравје, среќа и љубов за сите деца на светот!
Трн: Какви желби имаат децата?
Дедо Мраз: Некогаш желбите не се материјални, сѐ повеќе децата посакуваат љубов, разбирање и внимание и тоа дедо Мраз се обидува да им го предочи на родителите, да се завртат малку повеќе кон децата, бидејќи во трката за пари и богатство, тие забораваат што е повредно, да седнат со своите деца и да си поиграат или да отидат на прошетка.
Трн: Кој му ги исполнува желбите нему ?
Дедо Мраз: Дедо Мраз има само една желба, секогаш на време секаде да стигне и радост и среќа да подари, со помош на ирвасот Рудолф со црвен нос кој е на чело на санката. Дедо Мраз ги исполнува желбите на децата со помош на родителите, бабите, дедовците, тетките, вујковците…а, личните желби на дедо Мраз се остваруваат со помош на децата.
Трн: Дали веруваш во магија на новогодишната ноќ?
Дедо Мраз: Секогаш на новогодишната ноќ се случуваат ЧУДА. Болните оздравуваат, скараните се помируваат, вљубените се гушкаат…магијата постои, само треба да посакаме нешто доволно силно за да ни се оствари! Светот би бил премногу досадно место без магија во него.
Трн: Дали навистина лошите деца не добиваат подароци ?
Дедо Мраз: Не постојат лоши деца – има само немирни палавковци кои треба да слушаат малку повеќе и тие како и останатите деца заслужуваат подарок. Обичајот да ги плашат децата дека ако не се умни нема да им дојде дедо Мраз е мит, такво нешто не постои, дедо Мраз не прави селекција никогаш.
Трн: Кое писмо до тебе ти остави најголем впечаток годинава?
Дедо Мраз: Оваа година добив многу писма, ама најмногу ме трогна она во кое децата бараат мир и љубов за децата од Украина и Палестина. Децата се оние кои имаат највисока емоционална интелигенција, токму затоа и оваа желба произлегува од нивните емоции кои се најчисти и најискрени. ДА ПРЕСТАНАТ СИТЕ ВОЈНИ, да престанат сите бомби!
Трн: Како се мери успехот на дедо Мраз ?
Дедо Мраз: Успехот на дедо Мраз е кога сите дечиња добиваат момент среќа, а таа е релативна, различна е среќата за болните дечиња, за децата разделени од нивните најблиски, за сиромашките дечиња, ама без разлика на сѐ, тие моменти на среќа се бесценети за дедо Мраз. Дедо Мраз може да биде секој што сака да подели среќа и радост!
Бидете живи и здрави, дедо Мраз е постојано околу вас, иако вие не го гледате, важно е да го чувствувате со срцето!
Приказната за настанокот на дедо Мраз
Познато е дека Дедо Мраз е инспириран од христијански светец, но не и како прочуениот епископ стана симбол на Божиќ.
Кон крајот на третиот и почетокот на четвртиот век, во Мала Азија живеел Свети Никола, кој бил епископ на Мира Ликиска. Детството му било означено со загубата на родителите и наследувањето на нивното богатство. Затоа, со голема великодушност, тој го користел своето богатство за помагање на сиромашните. Легендите околу неговиот живот се многубројни, а една од најпознатите е историјата за започнувањето на обичајот со закачување на чорапи во кои се кријат подароци.
Според таа легенда, една вечер Свети Никола, наречен и Чудотворец, преку оџакот на куќата на едно сиромашно семејство, пуштил торба полна со злато. Торбата случајно паднала во чорапот што висел над огништето за да се исуши подобро.
Од оваа легенда и концептот за Свети Никола, постепено се развиле многу различни фигури кои ги понесуваат подароците за најмалите. Во различните делови на Европа, таа фигура добила различни имена и аспекти: во Англија – “Отец Божји”, во Франција – “Père Nöel”, во Германија – “Христкинд”, а во САД – “Крис Крингле”. Во текот на времето, овие различни ликови се спојиле во еден – Дедо Мраз или Санта Клос, кој се меморирал како дедо со големо срце што подготвува најубави подароци за добрите деца. Иако облечен во различни бои во минатото, костумот на Дедо Мраз во црвено-бела боја најпрвин потекнува од сликите на Свети Никола во црвено.