Железничката станица во Скопје оваа зима не е само транзитна точка, туку сцена на новогодишна магија. Од 20 до 30 декември 2025 година, секоја вечер со почеток во 19 часот, Железничката станица се претвораше во сцена на новогодишна магија.
Претставата „Дедо Мраз дојде со воз“, во организација на Училиштето за театар „Од игра до претстава“ во соработка со Железничка станица Скопје, повторно ги отвора пероните за децата и семејствата, но годинава со важна новина – легендарниот воз „Шпанецот“ кој за првпат е ставен во ваква интерактивна и сценска употреба, овозможувајќи вистинско возење како дел од доживувањето.
Претставата „Дедо Мраз дојде со воз“ се одвива низ повеќе локации во рамки на станицата – од Музејот на железницата, преку импровизираната сцена и ходниците, сè до пероните и празничниот воз, каде што публиката станува дел од самата приказна. Настанот е осмислен како интерактивно семејно доживување, прилагодено за деца и родители, во кое театарската игра се спојува со вистинско возење со воз.
Авторот и продуцент на проектот, Миодраг Костиќ, вели дека идејата од самиот почеток била поврзана со просторот и неговата симболика:
„Уште првично кога ја имав идејата Дедо Мраз да дојде со воз, ја споив со Железничката станица во Скопје како простор, затоа што лично многу ми се допаѓа и се идентификувам со него. Тоа е едно обележје за градот кое треба да го негуваме и да го цениме.“
Проектот се реализира во соработка со Македонски железници – Инфраструктура и Македонски железници – Транспорт, што, според Костиќ, претставувало креативен предизвик:
„Креативниот потенцијал на нашето училиште требаше да го споиме со потенцијалот на возовите и железничкиот сообраќај – и токму таму се роди уникатноста на концептот.“

Претставата не се одвива на класична сцена, туку низ ходници, скалила, перони и вагони, активирајќи простор кој со години ретко бил користен за културни содржини.
„Овој простор, кој за жал долго време беше замрен, сега го активираме во неговиот целосен капацитет“, додава Костиќ.
„Шпанецот“ – првпат дел од театарска и детска авантура
Иако историската локомотива од 1942 година останува изложбен дел од приказната, годинашната новина е возот „Шпанец“, кој секојдневно сообраќа на релацијата Скопје – Маџари и сега станува дел од сценариото.
„Старата локомотива од 1942 е тешко да се стави во движење, но затоа го имаме угодниот воз ‘Шпанец’, кој циркулира секој ден и овозможува децата првпат да имаат вистинско искуство со возење со воз“, вели Костиќ.
За многу деца, тоа е прво вакво доживување – нешто што остава силен впечаток и надвор од самата претстава.
Театар од игра до претстава: деца што изненадуваат со професионалност
Претставата е резултат на работа со деца и млади од различни возрасти – од второ одделение до средношколци, како и професионални актери. Неда Блажевска, ученичка и асистентка на режија и продукција, ја истакнува симболиката на спојот меѓу старото и новото:
„Ја земавме старата локомотива и новиот воз ‘Шпанец’ за да покажеме како минатото може да се обнови во нешто ново – и да порачаме дека минатото секогаш има влијание врз иднината.“

Таа додава дека разновидноста на учесниците го збогатува процесот:
„Имаме деца од различни возрасти, па и професионални актери. Различните перспективи многу ни помогнаа, а процесот беше подеднакво предизвикувачки и инспиративен.“
Искуство што се памети
За младите учесници, претставата не е само настап, туку лично искуство. Ведран Маричиќ, ученик и учесник во претставата, вели:
„Процесот беше на моменти хаотичен, на моменти нервозен, но и многу интересен. Најзабавниот дел ми беше кога се качувавме и се возевме со воз – тоа е искуство што ретко сум го доживеал, а во Македонија никогаш.“

За Костиќ, најголемата вредност на проектот не е продукциската сложеност, туку реакцијата на публиката:
„Фидбекот се детските насмевки. Кога ќе видите дека сте им овозможиле искуство кое можеби никогаш повеќе нема да го имаат, а ќе го памтат цел живот – за мене ништо не е повредно од тоа.“
Токму насмевките на детските лица се она што го прави овој проект навистина успешен – тивка, но моќна потврда дека празничната магија не се мери со сценографија или возови, туку со радоста, возбудата и спомените што децата ги носат со себе долго по завршувањето на претставата.



