Најновата студија, во која учествуваа дури 35.000 деца од осум земји, откри силна врска помеѓу изложеноста на зелени површини во раното детство и подобрата функција на белите дробови.
Експерти од Институтот за глобално здравје во Барселона обработиле податоци за изложеност на зелени површини од две различни временски точки – бременост и детство (од три до 12 години). Со цел што е можно попрецизно да се утврди степенот до кој учесниците во студијата биле изложени на зеленило, научниците користеле сателитски снимки за да ја проценат вегетацијата во опсег од 300 метри околу местото на живеење на децата.
Функцијата на белите дробови беше измерена со спирометриски тестови. За да го проценат волуменот на белите дробови, истражувачите ја измериле максималната количина на воздух што едно лице може да издишува без временско ограничување по длабок здив. А како показател за тоа колку се отворени дишните патишта, земен е форсираниот експираторен волумен во една секунда, односно волуменот на воздухот што се издишува во првата секунда при присилното дишење по длабок здив.
Студијата, објавена во списанието Environment International, покажа дека децата кои живеат во позелени населби имаат подобра функција на белите дробови, додека оние кои живееле подалеку од зелените површини имале помал волумен на белите дробови.
Иако позитивната поврзаност на живеењето во позелени населби со функцијата на белите дробови беше забележана без оглед на социоекономскиот статус, ефектот беше посилен кај децата од повисоко социо-економско потекло.
„Едно можно објаснување може да биде дека семејствата со високо образование или приходи може да имаат пристап до поквалитетни, побезбедни и подобро одржувани зелени површини“, рече водечкиот автор на студијата, Аманда Фернандес.
Истражувачите исто така ги анализирале местата на живеење на мајките за време на бременоста, но во овој случај присуството или отсуството на зеленило не било поврзано со ниту еден од индикаторите за респираторно здравје, што сугерира дека ефектот на зелените површини врз подобрената функција на белите дробови се случува во детството. .
„Нашето разбирање за тоа како зелените површини влијаат на функцијата на белите дробови е сè уште нецелосно. Знаеме дека зелените површини го намалуваат загадувањето на воздухот, што пак влијае на здравјето на дишните патишта. Исто така, веруваме дека зелените површини можат да ги изложат децата на корисни микроби, кои можат да придонесат за развој на имунолошкиот систем и индиректно да влијаат на функцијата на белите дробови. Конечно, зелените површини во близина на домот веројатно поттикнуваат физичка активност на возраст кога белите дробови сè уште се развиваат“, вели Фернандес.
Фото: pexels
Извор: index.hr