Деца со таласемија во Индија заразени со ХИВ преку трансфузија на крв

Родителите на деца со таласемија во Индија се во шок откако дознале дека нивните деца се заразени со ХИВ преку трансфузии на крв кои требало да им го спасат животот.

Таласемијата е генетско заболување на крвта кое бара редовни трансфузии, но за најмалку десет деца во две индиски сојузни држави, овој медицински зафат донел нова, доживотна болест, силна општествена стигма и неизвесна иднина, пренесува Би-Би-Си.

Истрагата е во тек

Властите во централната индиска држава Мадја Прадеш во средата потврдија дека пет деца со таласемија, на возраст од три до 15 години, се позитивни на ХИВ. Иако инфекциите биле откриени при рутински тестирања меѓу јануари и мај оваа година, случајот привлече пошироко внимание дури по извештаите на локалните медиуми на почетокот од неделата. Формирана е комисија која треба да утврди како дошло до заразата.

Инцидентот се случи само неколку недели по сличен случај во источната држава Џаркханд, каде што исто така пет деца со таласемија, сите помлади од осум години, биле заразени со ХИВ по трансфузија на крв во државна болница.

Ризици од трансфузија и системски проблеми

Здравствените власти наведуваат дека децата од округот Сатна примале трансфузии на различни локации, вклучително и државни болници и приватни клиники, и дека сега се на терапија. Во еден случај било потврдено дека двајцата родители на тригодишно дете се ХИВ-позитивни, но кај останатите случаи родителите биле негативни, со што е исклучен преносот од мајка на дете.

Главниот медицински службеник на Сатна, Манож Шукла, изјави дека децата кои примаат повеќекратни трансфузии се сметаат за високоризични и редовно се тестираат. „Откако ќе се открие заразата, лекувањето веднаш започнува и продолжува. Во моментов децата се стабилни“, рече тој. Според него, секоја единица крв се тестира според владините протоколи, но во ретки случаи донори во рана фаза на инфекција можат да не бидат откриени.

Ова не е прв ваков случај во Индија. Во 2011 година, властите во државата Гуџарат покренаа истрага откако 23 деца со таласемија биле заразени со ХИВ во јавна болница. Поради повторувањето на вакви инциденти, пациентите и активистите го повикуваат индискиот парламент да го усвои Нацрт-законот за национална трансфузија на крв од 2025 година, кој треба да ја зајакне регулацијата на собирањето, тестирањето и дистрибуцијата на крв.

„Мојата ќерка веќе страдаше, а сега има и ХИВ“

За погодените семејства, веста е разорна. Во Индија, каде што живеат повеќе од 2,5 милиони луѓе со ХИВ, вирусот и понатаму носи силна општествена стигма што често води кон дискриминација.

„Мојата ќерка веќе страдаше од таласемија. Сега доби и ХИВ, и тоа поради лошите медицински установи во Мадја Прадеш“, изјави еден татко.

Друг родител раскажа дека неговото дете се бори со несаканите ефекти од терапијата за ХИВ, вклучително повраќање и постојан замор. Во Џаркханд, семејството на седумгодишно момче било принудено да го напушти изнајмениот дом откако сопственикот дознал за здравствениот статус на детето.

„Се обидував многу да ги убедам, но тие инсистираа куќата да се испразни. Затоа морав да се вратам во моето село, оддалечено околу 27 километри“, изјавил таткото за Би-Би-Си. „Во селото, не само што е потешко мојот син да добие соодветна здравствена нега, туку му е ускратено и квалитетно образование.“

Извор:Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни