Според официјалните податоци, во Кунар животите ги загубиле околу 800 лица, а над 2.500 се повредени. Во соседната покраина Нангархар, бројките остануваат 12 загинати и 255 повредени, изјави портпаролот Забихула Муџахид на прес-конференција во Кабул.
Еден жител на округот Нургал, една од најпогодените области во Кунар, опиша сцени на целосно уништување. „Целото село е срамнето со земја. Децата се под урнатините, старите се под урнатините, младите се под урнатините. Потребна ни е итна помош – луѓе што ќе дојдат да помогнат да ги извадиме затрупаните. Нема кој да ги извлече ни мртвите тела“, изјави тој за Асошиејтед прес.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, упати сочувство и порача дека целосно се солидаризира со авганистанскиот народ по трагедијата. Обединетите нации соопштија дека нивните тимови веќе обезбедуваат итна помош и поддршка за спасување животи, иако пристапот до најтешко погодените подрачја е сериозно отежнат поради оддалеченоста и слабите телекомуникациски врски.
„Длабоко сме тажни поради разорниот земјотрес што го погоди источен Авганистан, одземајќи стотици животи. Нашите тимови се на терен и обезбедуваат помош. Нашите мисли се со погодените заедници“, соопшти мисијата на ОН во земјата.
Извор:Вечер.прес