Децата што учат да користат вештачка интелигенција ќе бидат попаметни – ако избегнат една грешка

Децата кои само копираат одговори од ChatGPT и ги лепат во домашните задачи, без размислување, всушност си прават штета – иако вештачката интелигенција може значително да им помогне да станат подобри ученици. Тоа го тврди познатата американска психологинја и авторка Анџела Дакворт, која верува дека AI може да биде моќна алатка за учење – ако се користи правилно.

На неодамнешна церемонија за дипломирање на Универзитетот во Пенсилванија, Дакворт ги повика родителите и наставниците да им покажат на децата како паметно да го користат потенцијалот на новата технологија. Наместо да ја гледаат AI како закана или мамење, треба да им помогнат на децата да разберат како да поставуваат прашања, да учат преку дијалог со четбот и да истражуваат зошто еден одговор е точен – или не.

„Вештачката интелигенција не е само помошно средство. Таа може да биде и тренер“, рече Дакворт, која има диплома по неуробиологија од Харвард и моментално предава психологија. Според неа, ChatGPT има „скриена педагошка супермоќ“ – способност да подучува преку пример и објаснување.

И самата таа била скептик, додека еден ден не се соочила со сложен статистички поим – Benjamini-Hochberg процедурата – кој не можела лесно да го разбере. Наместо долго пребарување по учебници или научни трудови, прашала ChatGPT. Не само што добила дефиниција, туку и неколку практични примери и објаснување на најчестите грешки. По само десет минути интеракција со четботот, конечно го разбрала концептот.

„AI ми помогна да достигнам ниво на разбирање што не би можела сама да го постигнам“, призна Дакворт.

Но, експертите предупредуваат – AI може да биде и погрешен. Моделите сè уште имаат проблем со т.н. „халуцинации“, односно измислување факти, па затоа е важно децата да научат да проверуваат што читаат. И токму тоа треба да биде дел од новиот пристап во образованието.

Американскиот милијардер и инвеститор Марк Кјубан смета дека „како да се користи AI“ треба да биде дел од училишниот курикулум. Во интервју за New York Magazine изјави: „Проблемот не е што децата го користат ChatGPT. Проблемот е што училиштата сè уште не се приспособени на реалноста дека AI постои и дека младите знаат да го користат.“

Кејти Кристоф, експертка за дополнителни професии, предупредува дека AI не треба да го заменува финалниот производ. „Најдобро е да се користи за подготовка, идеи, структурирање на задачи. Но финалната верзија треба да ја пише човек“, рече таа за CNBC. Според неа, алатките како ChatGPT се корисни за креирање на план, нацрт или почетна верзија, која потоа ученикот може да ја развие и подобри.

Дакворт и нејзиниот тим неодамна спровеле истражување со група учесници кои вежбале пишување мотивациски писма. Некои од нив користеле ChatGPT, други не. Кога потоа сите биле замолени да напишат писмо без помош, токму оние што претходно работеле со AI напишале значително подобри писма. Четботот им помогнал да скратат предолги реченици, да ги избегнат повторувањата и да го подобрат логичниот тек на мислата.

Заклучокот на Дакворт е јасен: вештачката интелигенција е алатка што може да го зајакне детското учење – но само ако ја користат активно, а не пасивно. Преку постојано прашување, тестирање на идеи и корекција, децата не само што учат факти, туку развиваат критичко мислење, кое им е потребно и надвор од училиштето.

AI не треба да се гледа како закана, туку како нов вид учител – оној што е достапен 24/7, не суди и е подготвен да објасни повторно. Но за да го добиеме најдоброто од него, мора да научиме да комуницираме со него на паметен начин – и да го учиме тоа и децата.

А токму таму лежи вистинската шанса: генерациите кои растат со вештачка интелигенција, ако ја користат свесно и разумно, може да бидат не само поинформирани – туку и попаметни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни