По 24-ти пат, Дебармаалските средби и серенади го вратија препознатливиот боемски ритам во срцето на Скопје. По повод Св. Трипун и Св. Валентин, околу 50 учесници, предводени од уметникот и хуманист Живко Поповски – Цветин, продефилираа низ култните улици, претворајќи го денот во петчасовна прослава на љубовта, виното и заедништвото.
Манифестацијата, во организација на здружението „Гороцвет“ – Скопје, во соработка со Здружението на пензионери на општина Центар и Општина Центар, уште еднаш го потврди својот инклузивен карактер. Настанот обедини традиционален мелос, поезија, игра и автентични вкусови, создавајќи атмосфера што ги спојува генерациите.
Свеченоста започна со симболично закројување лоза и порака за мир испратена од мостот кај Жабарот, во присуство на ученици од ООУ „Коле Неделковски“. Процесијата продолжи низ Градскиот парк со поклонување пред споменикот на Гоце Делчев, а потоа и низ „Боемска“, каде серенадите одекнуваа во кафеаните „Скопски мерак“ и „Дебар Маало“.
Еден од највпечатливите моменти беше ритуалот на дарување од балконите на улицата „Костурски херои“, каде се фрлаа вода, цвеќиња, бонбони и паричка – симболика на љубов, свадба и нов почеток. Настанот заврши со кршење на „Дебармаалска погача“ и пораката „леб за сите“, а финалето беше заокружено со торта и боза во слаткарницата „Апче“.
Со музички настапи на ансамблот „Вања Лазарова“, хорот „Елегија“ и повеќе вокални изведувачи, Дебар Маало уште еднаш покажа дека традицијата може да биде современа, а боемскиот дух – жив и заразен.