Европската Унија останува цврсто посветена на меѓународното право и на глобалниот поредок заснован на правила, меѓу кои се и принципите на суверенитет и територијален интегритет, кои важат и земјите членки на ЕУ, вклучително и за Данска, изјави заменикот главен портпарол на Еврокомисијата, Стефан де Керсмакер во однос на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на данскиот остров Гренланд од страна на САД.
„Светоста на границите е основен принцип на меѓународното право што важи подеднакво за сите нации, без разлика на нивната големина или влијание. Во блиска соработка со Данска, стоиме зад Гренланд и го поддржуваме правото на самоопределување на Гренланд. Ние сме посветени и ги поддржуваме овие многу важни принципи на меѓународното право и на глобалниот поредок заснован на правила“, изјави Де Керсмакер.
На дополнително прашање дали „поддршката на правото на самоопределување на Гренланд“, значи и поддршка за негово евентуално отцепување од Данска, Де Керсмакер изјави дека не сака да навлегува во шпекулации, туку дека само објаснил оти ЕУ е посветена на меѓународното право и дека тесно соработува со Данска, а дека за иднината судбина на Гренланд треба да решаваат неговите жители.
На прашање какви се плановите на ЕК за „одбрана на Гренланд“, имајќи ја предвид изјавата на еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус дека „ЕУ е подготвена да ја брани Данска“, дадена во одговор на новинарско прашање, претставничката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика, Анита Хипер повтори дека Унијата останува цврсто посветена на меѓународното право засновано на правила и блиско соработува со Данска, со Гренланд и со своите партнери.
„САД се наш партнер. Ние сме посилни кога работиме заедно“, додаде Хипер.