Сите знаеме што значи да се работи култура во Македонија. Малата средина, повторливоста, слабата институционална поддршка и кризата си го прават своето. И врапчињата го знаат ова. Нема друг начин за прогресивно движење на земјава од културата и борбата да ја тргнеме од маргините и да и го дадеме полното значење кое и е потребно. Во меѓувреме, додека институциите ја шуткаат, а културните работници се борат со сите сили со минимум ресурси да го зачуваат и реактуализираат она што го имаме како потенцијал, би сакала да обрнам внимание на новиот бран младинска култура и неговиот потенцијал, како нешто важно, за кое не се зборува многу.
Она што го следам во последниве години и кон кое се обидувам да се вклучам колку што можам поактивно, ми говори за еден нов простор кој се отвора на македонската културна сцена од страна на младите уметници, кој треба внимателно да се следи. Новиот бран на младинска култура се јавувува како простор за артикулација на нов отпор, нешто кое ни недостасува сега. Неколку простори во градот и земјава, многу малку финансии, многу елан и нови организирани уметнички акции на повеќе нивоа се пројавуваат прилично зачестено. Слика која се труди да и пркоси на колективната апатија, што нуди една алтернативна понуда на уметност која не е веќе целосно зависна од институциите, туку се отвора и кон други пристапи на соработка со заедницата, другите уметници, истражувачи и воопшто луѓе кои живеат тука.
Мислам дека условите во моментов овде повикуваат да стане поцврст, ама го разбирам и тој процес на раст кој дури сега почнува и кој мислам дека и треба да зазема идеолошки позиции подоцна, во контекст на она со кое се соочуваме и против кое би требало да застанеме наспроти – како вредност, како идеја, како систем. Би сакала целиот овој бран да понесе една активна, критичка и политичка димензија на отпор, преку која како млади колективно би артикулирале дека сакаме подобро општество, дека нема да молчиме и дека од ден на ден активно го следиме тоа што се случува околу нас. Сме имале периоди кога ангажманот на овие полиња бил силен преку политичко учество на поле на образование, сега верувам дека можноста за одновно активирање на надежта за промена, мора да тргне преку културата и уметноста. Уметноста ја гледам како една од последните, вредни точки на отпор преку која може да се одржува тој дух на непокор и да се култивира став кој ќе нè движи напред.
Можеби не сме сè уште толку храбри колку што би требало да бидеме, никнуваме срамежливо. Не сме виновни затоа што градот е мал ниту затоа што ни недостасуваат многу основни работи. Виновни сме можеби затоа што не сме уште погласни и послободни во заземањето на своите простори, за нас, новите деца кои нè има. Не е дека работите се одлични и дека може да си здивнеме затоа што живееме во држава каде културата цвета, ниту текстов ќе покаже нешто такво. Имаме две-три места кои се стожери на културниот живот и ако згаснат, би немале ништо, го чувствуваме тој страв. Ама имаме и фантастични прогресивни млади креативци на многу полиња – книжевност, музика, дизајн, сликарство, перформанс и современа уметност како нови пракси, театар… Имаме талентирани млади луѓе, мои пријатели, познаници, соработници, луѓе што не ги ни познавам или имаме некое здраво, а сме делеле клупа пред МКЦ. Имаме почеток и потреба да менуваме.
Кога веќе сме тука и не ни се спакувани куферите мора да тргнеме од она што го имаме и желбата тоа да да води кон нешто поголемо и позначајно – кон поголема социјално-општествена промена која ќе излезе од рамките на она што го создаваме. Мора да најдеме начин како овој нов бран да го поврземе со поширока општествена трансформација и во неа да најдеме инспирација, затоа што времињата во кои се наоѓаме се такви, без разлика на кого му се допаѓа ова како констатација или не. Идејата е да се охрабриме, да бидеме поцврсти, полути и послободни во практикувањето на уметноста и во барањето нешто ново и подобро. Знам дека ова е процес што се учи, затоа што и самата го учам, а времето покажува дека немаме време за неутралност, ниту за стоење отстрана.
Дајте ни шанса, застанете до нас и помогнете ни да видиме заедно како уметноста може да трансформира и како ова што ние го правиме сега, можеби може да е нешто ново, големо и значајно. Доаѓајте на нашите настани, зборувајте со нас и споделувајте размисли – во тој простор за учење едни од други, да дозволиме активно да се случува интензивно меѓугенерациско запознавање, и се надевам искреност за заедничко делување и поддршка. Затоа што немаме многу други опции, освен тоа да работиме, заедно, на сите мали искри кои ќе се појавуваат, со време да станат пламени што со својата силина ќе се спротивставуваат на неправедноста, нехуманоста и општеството кое еднакво не им припаѓа на сите. Да ја почувствуваме новата енергија, да и се придржужиме, да и помогнеме да собере колку што може поголема сила, за колку што може поголема акција. Да пробаме да ја градиме заедно конструктивно, користејќи ги новите шанси кои сепак се појавуваат.