Давос пред пресвртница: Светскиот економски форум се бори за сопствен опстанок

Светскиот економски форум се соочува со криза на доверба и внатрешни конфликти пред јануарскиот самит 2026. Што носи иднината за Давос и глобалната економија?

Светскиот економски форум (WEF), некогаш симбол на глобална соработка, денес се соочува со криза на доверба, внатрешни конфликти и губење на влијание кое со децении го обликуваше светскиот економски дневен ред, пишува „Financial Times“.

По низа обвиненија, внатрешни проблеми и заминувањето на основачот Клаус Шваб, угледот на Форумот и неговата иднина се ставени на тест пред јануарскиот самит во 2026 година.

Кризата избувна во август, кога на одборот на WEF му беше презентиран доверлив извештај од швајцарската адвокатска канцеларија Хомбургер. Истражувањето опфати повеќе од 100.000 е-пораки, десетици илјади документи и скоро 60 интервјуа со сегашни и поранешни вработени. Целта беше да се утврди дали Шваб (87) и неговата сопруга Хилде го претвориле Форумот во приватна империја и извор на лично збогатување.

Заклучокот беше јасен – нема докази за кривични дела, но беа откриени бројни неправилности: нејасни деловни трошоци, преплетување на лични и институционални интереси и слаба контрола на управување.

Шваб беше ослободен од обвиненија, но остана без функција и без почестена титула. Директорот на фондот Блекрок, Лари Финк, и Андре Хофман од компанијата Рош беа именувани за привремени ко-претседатели, додека одборот најави „нова глава“ која треба да ја обнови мисијата на Форумот – да ги обедини владите, бизнисот и цивилното општество за „да го подобрат светот“.

Клаус Шваб, познат како „господин Давос“, го изгради Форумот како институција со глобално влијание – од средби на државници до иницијативи како програмата за вакцини на Бил Гејтс. Меѓутоа, светот кој некогаш го славеше глобализмот се промени: протекционизмот, ривалството на големите сили и недовербата кон елитите го урнаа темелот на кој Давос се потпираше.

Падот на моделот на Шваб, според аналитичарите, ја рефлектира и самата ера на глобализацијата која го создаде Давос.

„Западот веруваше во својата моќ – таа ера заврши. Доаѓа мултиполарност, со форуми во Кина, Ријад и Аспен, додека европскиот Давос полека ќе го губи значењето“, оценува коавторот на книгите на Шваб, Тјери Малер.

Следниот самит, планиран за јануари 2026 година, може да ја одреди иднината на Форумот. Темата на собирот „Дух на дијалог“ треба да ја потенцира потребата од дијалог во свет кој се повеќе се дели.

Привремениот ко-претседател Лари Финк лично учествува во подготовките и се обидува да обезбеди присуство на клучните светски лидери и бизнис магнати. Меѓу приоритетите е и поканата за американскиот претседател Доналд Трамп, кој два пати присуствуваше на Форумот за време на својот прв мандат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни