Туберкулозата го претвори во луксуз за елитите – Давос меѓу 19 век и денес

Од сиромашно алпско село до центар на Светскиот економски форум – историјата на Давос е лекција за тоа како периферијата станува центар на моќта

Давос е град што успеал да ја претвори болеста во бренд, а санаториумите во сцена за светската елита. Од белодробна клиника на Европа до најозборуваниот зимски собир на политичари и милијардери, патот на ова алпско гратче е учебник за тоа како од периферија се станува центар на светот.

Сиромашното село станува алпски хиперцентар

Ако денес го гуглаш Давос, ќе добиеш слики од хеликоптери, ски-патеки и премиери кои позираат на снег. Ретко кој ќе ти каже дека пред само еден и пол век, Давос бил сиромашно, изолирано селце на сточари и дрвари, заглавено во долга долина во Алпите. Никој немал амбиција да го направи глобално важно, тоа му се случи случајно, а главниот виновник беше туберкулозата.

Средината на 19 век во Давос пристигнува германски доктор, Александар Шпенглер, човек кој бега од смртна казна во својата татковина и завршува како „селски“ лекар на крајот од мапата. Наместо да го прифати егзилот како проклетство, тој гледа шанса: чист, сув воздух, голема надморска височина и релативна изолација, тоа се совршени услови за експеримент, во време кога Европа се гуши од туберкулоза.

Шпенглер почнува да носи пациенти со белодробни заболувања во Давос, убеден дека престојот на висина, сонцето и студениот воздух можат барем да го успорат, ако не и да го свртат текот на болеста. Така полека се раѓа нова индустрија: климатска терапија, во која главна терапија не е таблетката, туку воздухот.

Санаториумот како луксуз – лежиш, дишеш и живееш здраво

Во втората половина на 19 век, Давос почнува да личи повеќе на здравствен кампус отколку на планинско село. Никнуваат луксузни санаториуми и пансиони наменети за богатите болни од Германија, Британија, Русија, Франција и Америка – луѓе што може да си дозволат да лежат месеци, па и години, на тераси завиткани во ќебиња, со поглед кон Алпите. Дневната програма: лежиш, дишеш, јадеш многу, повторуваш.

Малку познато е дека дел од овие институции не биле само „светски“, туку и прилично монашки: санаториуми во кои доминикански сестри се грижат за интернационален микс од пациенти, од руски грофици до британски индустријалци. Архитектурата и денес го издава нивното потекло – долги јужни фасади, широки тераси дизајнирани за кревети на отворено, огромни прозорци за максимум планинско сонце.

Liegekur in einem Sanatorium für tuberkulosekranke Kinder in Davos, um 1927
Foto: Dokumentationsbibliothek Davos

Токму таа специфична атмосфера на „чекална во која смртта станува живот“ ќе го инспирира Томас Ман за романот „Волшебниот хребет“, чија приказна е врзана за реален санаториум во Давос, денес претворен во хотел. Книжевната слава го брендира градот како симбол на модерната опсесија со болест, време и класа, место каде што болеста се лечи, но и се романтизира.

И потоа, науката го урива бизнис-моделот. Со откривањето на антибиотиците против туберкулоза во 1940-тите, потребата од висински санаториуми драстично паѓа. Во следните децении многу од нив се затвораат или се рециклираат во „обични“ хотели и одморалишта, а Давос мора да си измисли нова причина да постои на мапата.

Градот реагира со радикален зафат: зимски спортови, хокеј (HC Davos, Spengler Cup), жичари, нови хотели и конгресни сали. Од поранешна белодробна клиника, Давос станува ски-курорт и конгресен град – инфраструктура која, без да знае, веќе го чека неговиот следен, многу погласен клиент: глобалната елита.

Како санаториумот стана сцена за Светскиот економски форум

Во 1971 година, германскиот економист Клаус Шваб основа фондација со скромно име: Европски менаџмент симпозиум. Идејата е технократска – да се соберат раководители на западноевропски компании и да им се презентираат „најновите“ американски менаџерски практики, со благослов на Европската комисија и индустриските здруженија.

Copyright: World Economic Forum/Chris_Heeney

Првиот собир во Давос брои околу 450 менаџери. Ништо спектакуларно, но доволно за да се забележи дека градот има идеална комбинација за ваков тип настан: релативна изолација, добра хотелска инфраструктура, конгресни простори и зимска логистика која веќе пушта скијачи и хокеари низ планините. Сите клучни елементи на некогашните санаториуми како тишина, височина и контрола на пристапот, сега стануваат предност за политичари и милијардери.

Liegekur in einem Sanatorium für tuberkulosekranke Kinder in Davos, um 1927
Foto: Dokumentationsbibliothek Davos

Со годините, менаџерскиот семинар расте во нешто сосема друго. Од чисто економска конференција, настанот се претвора во глобален ритуал, место каде што во исто фоаје ги гледаш шефовите на држави, директорите на технолошки корпорации, претставници на НВО-секторот и селектиран круг интелектуалци и активисти. Во агендата влегуваат теми од геополитика и климатска криза до вештачка интелигенција и глобална нееднаквост, секогаш во комбинација со елитна мрежа на состаноци зад затворени врати.

Градот во меѓувреме живее двоен живот. Еден дел од годината е класичен алпски курорт – скијање, велнес, летни прошетки и велосипедски тури. Друг дел се претвора во најобезбедуван деловен кампус на планетата, со снајпери на покриви, блокирани улици и повеќе костуми отколку скијачи на квадратен метар.

Copyright by World Economic Forum / Benedikt von Loebell

Во тој алпски театар, ни политичарите не се поштедени од реалноста на снегот. На своите галантни чевли, оние со огледални ѓонови и рачно штифтани кожни рабови, ставаат гумени додатоци за одење по снег и мраз, што покорно ги соблекуваат на самиот влез во конгресните згради. Некој ќе ги остави внимателно под столчето, друг ќе ги префрли на асистентот, а за камерите ќе остане само гланцот: исчистен под, загреана сала и впечаток дека зимата не важи за сите подеднакво.

Светскиот економски форум има и своја контроверзна аура. За едни е мотор на глобална соработка, платформа каде што барем дел од големите играчи се принудени да седнат на истата маса. За други, тоа е приватен клуб на транснационална елита која ја обликува економијата и политиката далеку од демократските механизми – модерна верзија на санаториум, овој пат не за белите дробови, туку за совеста.

Copyright by World Economic Forum / Benedikt von Loebell

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни