Давос 2026: Судир на светови – што порачаа лидерите на најмоќниот глобален форум?

Давос 2026 го откри новиот судир на светови. Карни предупредува дека стариот поредок исчезнува, Макрон зборува за свет без правила, Зеленски за парализирана Европа, а лидерите алармираат за геополитички и технолошки ризици.

Годишниот собир во швајцарскиот алпски центар Давос оваа година помина во сенка на ескалирачките тензии меѓу САД и нивните европски сојузници. Светските лидери предупредија на распаѓање на постоечкиот меѓународен поредок, растечки унилатерализам и заканите што вештачката интелигенција ги носи за глобалната работна сила.

Годинешниот Светски економски форум беше во голема мера обележан од американскиот претседател Доналд Трамп, кој во четвртокот ја претстави својата иницијатива „Одбор за мир“, по специјалното обраќање претходниот ден, силно фокусирано на Гренланд, но и од одличниот говор на канадскиот премиер Марк Карни.

Во фокусот на разговорите во Давос беа зголемените тензии поради американските закани за воведување царини кон европските сојузници во контекст на Гренланд, при што лидерите предупредија на распарчување на сојузите и ерозија на меѓународниот поредок заснован на правила.

Гренланд и „неуспехот на Европа“

Анксиозноста околу пристигнувањето на Трамп беше присутна уште во првите денови, поттикната од неговите објави на социјалните мрежи и приватни пораки, меѓу кои и писмо до норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, во кое неговите барања за Гренланд ги поврзал со неуспехот да ја добие Нобеловата награда за мир.

Американскиот претседател, кој пристигна средината на неделата со најголемата делегација досега и покрај техничките проблеми со авионот, ја исклучи можноста за насилно преземање на арктичкиот остров, дел од Кралството Данска, иако и натаму инсистираше на негова аквизиција.

Во своето долгоочекувано обраќање во средата, Трамп изјави дека САД бараат итни преговори за Гренланд, но ја исклучи употребата на воена сила за преземање на данската територија.

„Веројатно нема да добиеме ништо освен ако не решам да употребам прекумерна сила, каде што би биле, искрено, незапирливи. Но, нема да го направам тоа“, рече Трамп. „Не сакам да користам сила.

Трамп ја критикуваше Европа, велејќи дека делови од континентот „веќе не се препознатливи“ и дека „не се движи во вистинска насока“. Воедно, се пошегува и со авијаторските очила на францускиот претседател Емануел Макрон, носени за време на неговото обраќање:
„Го гледав Емануел Макрон вчера со тие прекрасни очила“, рече Трамп, предизвикувајќи смеа во салата.

Давос 2026: Светот не е во транзиција, туку во прекин

Иако настапот на Доналд Трамп привлече медиумско внимание, суштинските пораки од Давос годинава дојдоа од лидерите кои предупредија дека светот влегува во фаза на длабок и траен прекин со досегашниот поредок.

Марк Карни: „Стариот светски поредок нема да се врати“

Канадскиот премиер Марк Карни одржа еден од најконзистентните и најцитирани говори на форумот, оценувајќи дека глобалната политика и економија не се во транзиција, туку во прекин.

„Светот не е во период на промена, туку во момент на прекин. Стариот поредок не се трансформира, тој исчезнува и нема да се врати“, изјави Карни.

Тој предупреди дека мултилатералниот систем, каков што го познававме по Втората светска војна, е заменет со свет на конкурирачки блокови и сурова геополитика.

„Во свет на ривалство меѓу големите сили, државите помеѓу нив имаат избор: да се натпреваруваат за наклонетост – или да се здружат и да создадат трет пат со реално влијание.“

Карни посочи дека средните и малите држави ќе бидат маргинализирани ако не дејствуваат заеднички:

„Ако не сме на масата, ќе бидеме на менито.“

Неговата порака беше јасна: без заедничко дејствување, демократските држави ризикуваат да станат објекти, а не субјекти на новиот светски поредок.

Макрон: Свет без правила и без почит

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека светот забрзано се движи кон опасен унилатерализам.

„Се соочуваме со свет без правила, каде меѓународното право се гази, а единствениот закон што важи е законот на посилниот.“

Тој оцени дека демократиите се пред историски избор:

„Ние избираме почит наместо насилници и владеење на правото наместо бруталност.“

Зеленски: Европа е парализирана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати една од најжестоките критики кон Европа, обвинувајќи ја за неодлучност и страв од сопствената сенка.

„Европа изгледа изгубено. Таа повеќе личи на географија и историја отколку на вистинска политичка сила.“

Тој предупреди дека половичните одлуки испраќаат опасни пораки:

„Ако испраќате 40 војници, што штитат тие? Каква порака испраќате до Путин, до Кина, па дури и до вашите сојузници?“

Урсула фон дер Лајен: Трговска војна ќе им користи на противниците

Претседателката на Европската комисија предупреди дека ескалацијата меѓу САД и ЕУ може директно да им користи на геополитичките противници.

„Спирала на конфликти меѓу сојузниците ќе им помогне токму на оние што сакаме да ги држиме надвор од стратешката сцена.“

Марк Руте (НАТО): Фокусот се губи од Украина

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изрази загриженост дека споредните конфликти го одвлекуваат вниманието од клучната закана.

„Главното прашање не е Гренланд. Главното прашање е Украина. Ако го изгубиме фокусот, ризикуваме да ја изгубиме и довербата.“

Лери Финк и Илон Маск: ВИ како нов извор на нееднаквост

Извршниот директор на BlackRock, Лери Финк, предупреди дека вештачката интелигенција може да ги повтори најлошите грешки на глобализацијата:

„Придобивките ќе одат кај сопствениците на капитал, податоци и инфраструктура – а цената ќе ја платат работниците.“

Илон Маск, пак, отиде чекор понатаму:

„Вештачката интелигенција ќе ја надмине човечката интелигенција за неколку години, а роботите ќе станат побројни од луѓето.“

И покрај различните политички позиции, доминантната порака од Давос 2026 беше иста:
светот влегува во период на нестабилност, каде старите правила не важат, а новите сè уште не постојат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни