Давор Кешкец е еден од најкреативните млади уметници на македонската сцена со препознатлив стил чии мурали раскажуваат нови приказни на градските улици. Давор, кој по вокација е графичар до сега има остварено неколку самостојни и групни изложби. Се инспирира од Кубизмот, Поп Артот, Германскиот експресионизам, Пост Графити уметноста….но и од Рокенролот и општо од музиката. Љубовта вели е вечна инспирација. Како дел од минатогодишниот „Комшилоок“ го видовме „Where Yu Go?“, култниот автомобил „Југо“ трансформиран во неверојатно уметничко дело.
Критичарите ќе кажат дека неговите делата константно варираат. Експресијата некогаш е послободна, некогаш е погеометриска, а истото се случува и со колоритот, некогаш е црно, бело и црвено, а некогаш пошарено. Муралите на Давор Кешкец се водени од идејата дека илјадници ќе ги гледаат секојдневно. Тоа е уметност што го привлекува вниманието и ја пренесува својата порака веднаш, дури и кога сте во движење или кога самиот мурал е во движење
Со Давор разговаравме за неговата уметеност, за градот и графитите, за приказните кои ги раскажуваат муралите, за уметноста во јавниот простор, за тоа што го инспирира и за проектите на кои работи…
![](https://i0.wp.com/trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/20250129_142915-819x1024.jpg?ssl=1)
![](https://i0.wp.com/trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/20240704_154839-1-741x1024.jpg?ssl=1)
Tрн: Што значи за тебе создавањето уметност на јавни простори, на ѕидови, згради или тунели?
Давор: Tоа за мене значи давање душа на градот, со секој таков чин градот има приказна повеќе.
Tрн: Која е разликата помеѓу работа на платно и работа на ѕид? Уметност е уметност или?
Давор: Уметност е уметност, да, каде и да е на што и да е, добро дело е добро дело. Разликата е во слободата на изразувањето, кога работиш на ѕид најчесто некој те најмува за тоа, со што ти одредува, време, место и тема, а кога работиш на платно, за себе, сам си одредуваш време, место и тема. Тој што те плаќа, тој го има последниот збор… кај нас сме уште ограничени со темите на муралите… најчесто се Солидарност, Екологија, Традиција….Ретко муралите имаат свој личен уметнички печат.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/20221002_222159-1024x775.jpg)
Tрн: Колку е важно да ја извадиме уметноста надвор од комфортната зона и од галерискиот простор?
Давор: Кога уметноста е извадена од галерискиот простор, полесно се здобиваш со нова публика. Кога е во јавен простор ја гледаат 1000ци луѓе секојдневно и секојдневно комуницира со различни типови на луѓе од различни области со различни гледишта, ќе дојде некој ќе го исшкрта, оштети или како што беше случајот со моите постаменти, тие пред да бидат поставени беа бутнати, после неколгу години беа дислоцирани и поставени како барикади на мост.. кој знае што ли ги чека следно…затоа и е интересна уметноста во јавниот простор секоја интервенција е нова приказна и константно се надоградува, затоа и е тоа важно. Секој ги гледа и ги доживува работите на свој начин.
![](https://i0.wp.com/trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/20210417_194950-768x1024.jpg?ssl=1)
![](https://i0.wp.com/trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/20210417_194526-3-768x1024.jpg?ssl=1)
Tрн: Што мислиш за развојот на графитите како уметност во последниве години во земјава? Сакаат ли младите уметност во јавен простор? Дали таа сцена која постои кај нас е доволна споредбено со онаа што се случува на глобална сцена?
Давор: Не само за развојот на графитите / муралите туку и за културата општо мислам дека е тиња. Ништо не се развива, се стагнира некако….За цртање мурали нема никакви јавни повици или конкурси во Скопје барем. Секоја чест за Форма Куманово и за нивната иницијатива неколку години наназад со организирање Графити Фест Куманово. Да, младите сакаат уметност во јавен простор, затоа што повеќето од младите и творат во јавен простор, ама сите ја сакаат уметноста во јавниот простор. Што се однесува до сцената ваљда е ОК, имаме добри цртачи кои можат да се мерат со други цртачи од светов, но за да имаме сцена тоа треба да се одржува, треба да има стрит арт фестивали, групни изложби па дури и натпревари, награди….што би дало и некоја дополнителна мотивација.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/20231005_225056-768x1024.jpg)
Tрн: Околу инспирацијата…дали времето во кое живееме и сето она што се случува те инспирира како млад уметник? Или кои уметници или стилови те инспирираат и имаат влијание на твојата работа?
Давор: Во денешно време свашта се дешава…гледам тоа да го избегнам во моите дела и да се посветам на стварите што мене ме интересираат, сакам да нурнам во мојата душа и тоа да го пренесам, сакам да го пренесам мојот свет, а не светот во кој живееме, инаку уметноста би немала поента. Од уметнички правци ме инспирира Кубизмот, Поп Артот, Германскиот експресионизам, Пост Графити уметноста….тоа најчесто се однесува за визуелната инспирација (форма,боја). Што се однесува за другото, Рокенролот ми ја ослободува душата, тој е тој што ми вика F*ck it, just do it..и најчесто музиката ме инспирира за насловите на делата. Друга инспирација ми е и нормално љубовта, љубовта е вечна инспирација, без неа ништо… Keep Lovin’.
Tрн: На кои проекти работиш во моментов?
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/20190922_144709-1024x768.jpg)
Давор: Моментално работам на мојата нова изложба која би требало да се реализира во Мај оваа година во МКЦ. Последната изложба ми беше пред три години во КИЦ која беше некој вид на ретроспектива со тоа што повеќето дела беа од други веќе реализирани изложби. Така да оваа изложба ќе биде from scratch, со нови дела како што и треба да биде…20тина слики од кои повеќето во голем формат работени во иста техника во која работам и до сега, акрил на платно, морам да потенцирам, како се повеќе ја усовршувам техниката се повеќе мислат дека се принт, освен сликите може да улета и некоја скулптура, не знам ќе видам шо ќе ми текне, а најверојатно и Југото ќе биде таму….
Keep Rockin’