Давор Кешќец на „Комшилоок“

„Where Yu Go?“ на Давор Кешќец кој со својот уникатен стил го трансформираше култниот автомобил „Југо“ во неверојатно уметничко дело, е дел од програмата на фестивалот „Комшилоок“, што овој викенд се одржува во населбата Железара во Скопје.

„Неговите делата константно варираат. Експресијата некогаш е послободна, некогаш е погеометриска, а истото се случува и со колоритот, некогаш е црно, бело и црвено, а некогаш пошарено. Муралите на Давор Кешкец се водени од идејата дека илјадници ќе ги гледаат секојдневно. Тоа е уметност што го привлекува вниманието и ја пренесува својата порака веднаш, дури и кога сте во движење или кога самиот мурал е во движење“, велат организаторите на фестивалот.

Во склоп на „Комшилоок“ ќе има и филмска вечер на улица Коце Металец бр 1 и ќе биде прикажан филмот „The Hip-Brainstorm“, во режија и продукција на Јане Алтипармаков, со оригинална идеја на Љубиша Петрушевски.

Во филмот играат Васко Атанасовски (Бернајс пропаганда, Балкан Велики), Тошо Филиповски (автор на првата сеопфатна македонска рок енциклопедија), Саша Павловиќ (Сунча), Ивица Димитријевиќ (СИЗ), Мирко Попов (ПМГ Колектив), Костадин Шурбановски (Канал 10), Сеад Хаџиќ (Last Expedition, Mooger Fooger), членови на групатa The Hip, Morbid Joker, Музичка Младина. 

Во филмот ексклузивно се измонтирани архивски снимки од настапите на Електрични Оргазам, Екатарина Велика, легендарните Nirvana, Psychic TV, Buzzcocks, Sonic Youth, Young Gods.

По проекцијата, ќе следи дискусија со режисерот и продуцентот, проследена со енергичната фестивалска програма.

„Бура и Продор“ – Театарски перформанс, во склоп на фестивалот ќе биде изведен во автобус број 16 што тргнува од постојка Градска Болница до населбата Железара.

„Автобус. Патници. Еден телефон. Зачекорете во светот на актери/патници кои го чекаат нивниот повик. Чекајќи го повикот, секој од нив добива шанса да се соочи со својата бура, откривајќи лични и социјални бури преку мешавина од драма и комедија, сето тоа оживувано со експресивно движење“ се вели во најавата за претставата која е во режија на Теа Беговска, а улогите ги играат Илин Јовановски, Дениз Рустеми, Бојан Лазаров, Тодор Стојковски, Деан Ибрахим

Овој перформанс се занимава со човечките бури, лични и општествени, прикажани преку разни драмски и комични ситуации, ставајќи акцент на изразувањето преку движење.

Освен „Бура и Продор“, дел од фестивалската програма е и театарскиот перформанс „Бетон, цигла и арматура“ во режија на Хана Миленковска. Овој мал сценски фрагмент на Миленковска ги истражува врските формирани помеѓу луѓето кои го делат истиот бетон, арматура и тули – истиот паркинг, влез и детско игралиште. Преку разиграни интеракции и дијалог што предизвикува размислување, ќе навлезе во предрасудите, новите форми на заедница во соседството и односот помеѓу јавниот и приватниот простор. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни