„Експлодинг стар оркестра“, групата на американскиот трубач Роб Мазурек, вчера вечер на Скопје џез фестивал одржа светска концертна промоција на својот нов албум „Live at the Adler Planetarium”.
Мазурек важи за современа музичка икона на чикашката авангардна сцена, а неговиот оркестар го сочинуваат уште осуммина врвни имиња на џезот. Тој е композитор, трубач, музички директор, визуелен уметник, абстрактивист и современа музичка икона на чикашката авангардна сцена од 1990-тите, кој стекнал одлична репутација со Chicago Underground, бенд кој, низ годините, метаморфозираше од дуо во оркестар. Во Бразил, каде што живеел неколку години, тој создал сличен состав наречен São Paulo Underground, а по враќањето во Чикаго, во 2005 го оформил генијалниот Exploding Star Orchestra.
Со овој проект, Мазурек создаде медиум што поседува капацитет да опфати различни стилови и идеологии од широкиот опсег на слободни форми на изразување, како и да ги истражи најавангардните трендови на сцената, инкорпорирајќи значајни музичари од пост-рок, AACM и слободната импров сцена. Единствената категорија што би можела да ги дефинира е „ол-старс“ – секој од избраните уметници е легенда на авангардниот џез, некои од нив припаѓаат на американската креативна музика, додека другите ги претпочитаат високите дострели на европската импровизација. Творејќи со експлозивна енергија и фасцинантна посветеност, Роб Мазурек блеска, извлекувајќи го најдоброто од музичарите што прецизно и внимателно ги избрал. Заедно, тие ги евоцираат врвовите што ги освоија Бела Барток и Гил Еванс, Мортон Фелдман и Бил Диксон, Сан Ра и The Art Ensemble of Chicago. Нивниот настап на 43. Скопски џез фестивал претставува концертна премиера на новиот, штотуку објавен, албум на Exploding Star Orchestra – “Live at the Adler Planetarium”. Универзумот е огромен простор. Роб Мазурек го исполнува својот дел со грандиозен звук.
Пред Мазурен на втората вечер на фестивалот настапи њујоршкиот пијанист и композитор со кубанско потекло Давид Вирејес.
Вирејес пораснал во во Сантијаго де Куба, во музичко семејство задоено со музиката на афро-карипската дијаспора и западната класична музика. Во 2001 година, на покана на Џејн Банет, се сели во Торонто, Канада, каде што дипломирал на колеџот Хамбер, во кој подоцна и предавал. Во тоа време, Вирејес интензивно настапувал низ Канада со неговите состави, како и со неколку други. По преселбата во САД во 2009 година, Давид органски ги соединува кубанскиот фолклорен и њујоршкиот импровизаторски свет, интерес што го пројавува уште на 14-годишна возраст. Иако своето творештво го смета за „сто проценти традиционално“, во пракса, тој создава синкретична нова лична музика, наместо проста мешавина од елементи или рециклирање. Покрај неговата соло кариера, тој соработувал со Хенри Тредгил, Рави Колтрејн, Ендрју Сирил, Реџи Воркмен, Оливер Лејк, Бил Фризел, Томаш Станко, Вадада Лео Смит, Стив Коулмен, Пол Мотиан, Чучо Валдес, Хермето Паскоал и многу други. Прогласен е за „Број 1 ѕвезда во подем“ во категоријата пијано од страна на списанието „DownBeat“, како и за артист на годината во списанието „Musica Jazz“, а добитник е и на голем број меѓународни награди. Неговиот последен албум „Nuna“ (2022), своевидно истражување во сферата на соло пијаното, беше во самиот врв на неколку релевантни годишните листи на најдобри албуми, вклучувајќи ги „The New York Times“ и „NPR“. Вирејес е гостин-професор на реномираниот JazzCampus во Базел и професор по пијано на Универзитетот за уметности во Цирих, Швајцарија.
Вечерта ќе ја затворија британскиот саксофонист Алабастер Деплум со полноќен концерт во Младински културен центар. .
Опишан од NPR како уметник чија „најголема вредност е отвореноста“, Алабастер ДеПлум (родено име: Гас Ферберн) ги обединува џезот и перформативната поезија во една оригинална и општествено свесна уметничка форма. Со потекло од Манчестер, а со живеалиште во Лондон, ДеПлум создава музика што им пркоси на сите категоризации, своевиден спој на ведри мелодии и политички обоени химни кои го критикуваат општествениот егоизам и самозадоволство и се залагаат за човечка интеракција. Неговата уметност се карактиризира со топлина, транспарентност и пристап што ги поставува на прво место луѓето, соработката и спонтаноста, пред перфекцијата. Неконвенционалното музичко патување на ДеПлум започна со ноќни џем-сесии, во кои тој го градеше својот уникатен стил на саксофон, свирејќи со уво и емоции наместо со традиционално вежбање. Ваквиот природен, интуитивен приод е својствен и за неговите настапи во живо, каде што тој беспрекорно ја комбинира музиката и говорниот перформанс, создавајќи импресивно доживување коешто ја повикува публиката во еден простор на заедничко размислување и емоционална длабочина. Неговите албуми, издадени за култната чикашка џез-етикета International Anthem, дополнително го зацврстуваат неговиот статус на водечка фигура во современата британска џез-ренесанса. Алабастер ДеПлум продолжува да ги поместува границите, користејќи ја својата уметност како средство за општествен коментар и лично изразување. Неговата музика, исполнета едновремено со спокојство и со итност, служи како потсетник за моќта на чувствителноста и важноста на колективната креативност во справувањето со предизвиците на нашето време.