Дарко Ќитаноски: Еко-свест Вевчани: Kрајно време е Јабланица да ја прогласиме за Национален Парк

Само добро информирани и едуцирани граѓани имаат моќ да ги натераат властите да ги сменат политиките во насока на обезбедување на здрава животна средина и безбедна клима. Денешните млади се утрешните лидери, научници и иноватори кои ќе создаваат решенија за еколошките предизвици. Младите кои се свесни за еколошките прашања може да ги поддржуваат и промовираат политиките што водат кон заштита на животната средина и да лобираат за законски промени кои ќе овозможат почиста и поодржлива средина

Со Дарко Ќитаноски од локалната канцеларија на Еко -Свест во Вевчани, разговаравме за нивните активности и проекти во делот на заштита на животната средина, за тоа кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат кога станува збор за заштита на природата, каква е еколошката свест кај нас и за Јабланица, планината која упорно го чека својот заслужен статус на Национален Парк.

Трн: Кажете ни нешто за вашите активности во изминатиов период? На кои проекти и теми сте фокусирани?
Дарко Ќитаноски: Еко-свест преку локалната канцеларија во Вевчани активно работи на заштита на
природата, екосистемите и дивиот свет. Нашата работа е насочена кон создавање ефикасни механизми за заштита преку застапување, едукација и спроведување на најдобрите практики за управување и финансирање на заштитените подрачја.
Во рамките на проектот финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), спроведовме низа активности за Поддршка за одржливо управување со Споменикот на Природа “Вевчански Извори”. Изработена и поставена е Трајна поставка за природа, која има за цел да ги промовира природните богатства на СП Вевчански Извори. Овој едукативен центар го претставува природното богатство на планината Јабланица. Организирани се едукативни работилници за млади, во кои учествуваа ученици од основното училиште Страшо Пинџур од Вевчани, како и ученици од други основни и средни училишта од регионот. Покрај тоа, реализирани се едукативни активности на отворено за сите возрасни групи, како што се акции за чистење, садење дрва, планински велосипедски тури, филмски проекции, цртање мурал со природни мотиви, уметнички работилници во природа, обуки за граѓанска наука и други активности. Во заштитеното подрачје поставени се нови информативни табли и патокази за подобрување на инфраструктурата за посетителите. За ренџерската служба на Вевчански Извори организирани се обуки, во соработка со професори од Шумарскиот Факултет од Скопје изработивме истражување на состојбата на питом костен во заштитеното подрачје, а со цел едукација на младите уште од најмала возраст изработивме и три едукативни публикации посветени на СП Вевчански Извори.
Активно користиме и граѓанска наука, за мониторинг на диви животни и растенија, преку апликацијата iNaturalist и следење на тек и квалитет на води со апликацијата CrowdWater. За полесно користење на апликациите, и двете се преведени на македонски јазик. Во тек е и креирање на краток едукативен документарен филм.
Исто така, Еко-свест работи и на прекугранична иницијатива за заштита на кафеавата мечка, проект кој има за цел поттикнување на соживот и баланс помеѓу луѓето и природата, како и обезбедување на долгорочна заштита на кафеавата мечка. Овој проект е насочен кон развој на стратегии и активности кои ќе придонесат за намалување на конфликтите помеѓу луѓето и мечките, како и за зголемување на свеста за значењето на оваа заштитена врста. Преку прекугранична соработка, се работи на подобрување на мониторингот, заштита на природните живеалишта на кафеавата мечка и создавање на одржливи решенија кои ќе овозможат хармоничен соживот со луѓето во регионот.
Преку проектот за селектирање и рециклирање, за локалните училишта набавивме компјутерски станици, 3Д печатари и екструдери за филамент. Со овие машини, учениците користат селектирани пластични шишиња и создаваат едукативни помагала. Овој проект го воведе 3Д печатењето како иновативен начин за реупотреба на пластични шишиња, кое не само што придонесе за намалување на отпадот, туку и ги едуцира младите за важноста на рециклирањето во заштитата на природата.


Трн: Еден од поинтересните проекти во кои сте вклучени е и Прекуграничниот проект за заштита на кафеавата мечка. Во изминативе години доста се зборува за мечките кои се почесто се симнуваат во населените места. Што се случуваа со популацијата на мечки кај нас и во регионот?
Дарко Ќитаноски: Прекуграничниот проект за заштита на кафеавата мечка претставува значајна иницијатива која на териториите на Македонија, Грција и Албанија иницира заштита на популацијата на кафеава мечка. Проектот се реализира преку партнерството на организациите Еко-свест, ЕуроНатур (Германија), Македонско Еколошко Друштво, ППНЕА (Албанија) и Калисто
(Грција). Клучни аспекти на овој проект се: Промоција на прекуграничната соработка за заштита на кафеавата мечка,како основа за развој на стратешки планови на регионално ниво; Подобрување на поврзаноста и одржливоста на популациите и живеалиштата на кафеавата мечка преку создавање на еколошки коридори; Мониторинг и истражување на популацијата на кафеавата мечка во приоритетни региони на сите три земји; Ублажување на конфликтите помеѓу човекот и мечката преку поддршка на интервенции и воспоставување на Интервентни тимови за крупни месојади; Ефективно решавање на тековни проблеми како што се криминалот против дивиот свет и уништувањето на природните ресурси; Зајакнување на јавната свест и едукација на заедниците за значењето на заштитата на кафеавата мечка; Промоција на еколошко образование и активно вклучување на заедниците во заштитата на животната средина.Со зголемената популација на кафеава мечка во последните години, се зголеми и нивната видливост во близина на високо планинските населените места и на патиштата, што создава нови предизвици. Климатските промени, кои предизвикуваат недостиг на природна храна за мечките, како и големиот број диви депонии и неправилното управување со отпадот, се дел од клучните фактори кои ги поттикнуваат овие појави. Во одговор на овие предизвици, нашите напори и активности се насочени кон поттикнување на соживот и баланс помеѓу луѓето и природата, како и обезбедување на долгорочна заштита на кафеавата мечка како дел од нашето природно наследство. Исто така, обезбедуваме поддршка за институциите во иницијативите за заштита на кафеавата мечка, како што се развојот на Национален акциски план за заштита на кафеавата мечка и формирањето на Интервентен тим за крупни месојади, што го иницира Министерството за животна средина и просторно планирање.

    Трн: Кон крајот на минатата година ги издадовте трите прирачници посветени на Споменикот на природа Вевчански извори. Кажете ни нешто повеќе за ова.
    Дарко Ќитаноски: Децата учат преку игра, што е потврдено од многу истражувања. Сепак, образовните програми често не посветуваат доволно внимание на тоа „како“ се учи. Природата е идеална околина за учење на отворено, и секој двор, парк или шума може да се претвори во училница. Во раното детство, на децата треба да им раскажуваме приказни, да им имитираме животни. Кога ќе тргнат на училиште, можат да почнат со истражувањето на околината, собирање на растенија, градинарство и како треба да се грижиме за животните. Овие активности помагаат децата да развијат емпатија и љубов кон природата. Истражувањата покажуваат дека многу часови поминати во природа во детството и конкретни примери од возрасните кои покажуваат почит кон природата се клучни за развивање емоционална стабилност кај децата. Како возрасни, можеме да ги поддржиме овие активности и да создадеме авантури во природа. Заради овие причини ги креиравме прирачниците посветени на Заштитеното Подрачје „Вевчански Извори”. Тие се создадени како еден вид на поддршка, не само на наставниците, туку на сите возрасни кои сакаат со нивните деца да поминуваат време во природа. Поделени на три тематски поглавја, „Во шумата”, „На Изворите” и „На Ливадите” прирачниците содржат интересни активности и методи со цел да го поттикнат интересот на децата за природата преку игра и учење на отворено.
    Креиравме три прирачници, за три различни возрасни групи:
    Споменик на Природа Вевчански Извори – Експериментално поле за млади
    научници (Практичен водич за наставници од повисоки одделенија за спроведување активности во природа) споменик на природата вевчански извори експериментално поле за млади научници.
    Споменик на Природа Вевчански Извори – Игралиште за млади истражувачи (Практичен водич за наставници од пониски одделенија за спроведување активности во природа) споменик на риродата вевчански извори игралиште за млади истражувачи.
    Споменик на Природа Вевчански Извори – Природата во очите на децата (Практичен прирачник за воспитувачи во градинки за активности во природа) споменик на природата вевчански извори природата во очите на децата.
    Прирачниците содржат голем број практични совети, забавни и едукативни игри, кои можат да се користат во еко-секции или активности надвор од училиштето. Иако инспирацијата за овие материјали доаѓа од Вевчански Извори, тие се применливи насекаде. Прирачниците се pрилагодени и за деца со попречености, секоја активност има препорака за непречено
    изведување, како да ја прилагодите активноста на разни типови попреченост, за да сите бидат еднакво вклучени.

    Tрн: Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате кога станува збор за заштита на природата и еколошка свест во заедницата?

    Дарко Ќитаноски: Како најголем предизвик може да се каже дека е недостатокот на човечки и финансиски капацитети. На пример, Општина Вевчани која управува со Заштитеното Подрачје „Вевчански Извори”, како мала заедница, се соочува со огромни предизвици за спроведување на менаџмент планот поради недостаток на човечки и финансиски ресурси. Од друга страна, планината Јабланица чека веќе повеќе од 20 години за да биде прогласена за Национален Парк, иако кај локалното население поддршката за прогласувањето е на високо ниво. Но, да се надеваме дека во догледно време Јабланица ќе биде прогласена за Национален Парк. Одржливото управување со природните ресурси е секогаш предизвик. Затоа треба подигнување на еколошката свест и образование за важноста на заштитата на природата, но, може да се каже дека во последно време, се забележува напредок кај локалното население и сите засегнати страни. Развојот на одржлив туризам е еден од начините за заштита на природните вредности и обезбедување финансиска одржливост на заштитените подрачја. Туризмот може дополнително да ги поддржи екосистемските услуги. Како последен предизвик, може да се спомне прекуграничната соработка со Албанија. Иако планинскиот масив Јабланица-Шебеник е природна граница помеѓу двете држави, соработката моментално е на незадоволително ниво, но во последниве години се пројавува заинтересираност за соработка од двете страни.

      Tрн: Имате доста проекти со млади. Колку е важна улогата на образованието и свеста на младите во одржување на чистата животна средина?
      Дарко Ќитаноски:
      Образованието и свеста на младите не само што директно влијаат на нивниот сегашен однос кон животната средина, туку и создаваат основа за одржливи и позитивни промени
      во иднина. Образованието може да ги информира младите за важноста на заштитата на животната средина и последиците од нејзиното загадување. Со тоа, тие стануваат свесни за својата улога во зачувувањето на планетата. Исто така, младите можат да научат за одржливи начини на живот, како што се рециклирање, намалување на отпадот, користење на обновливи извори на енергија и штедење на ресурси. Овие навики можат да ги пренесат и на своите семејства и заедници. Младите, кога се информирани и свесни, можат да се вклучат во акции за заштита на животната средина, како што се чистење на јавни простори, садење дрвја и учество во еколошки кампањи. Образованието создава информирани граѓани кои во иднина ќе можат да донесуваат одлуки што ќе го заштитат и подобрат животниот простор. Денешните млади се утрешните лидери, научници и иноватори кои ќе создаваат решенија за еколошките предизвици. Младите кои се свесни за еколошките прашања може да ги поддржуваат и промовираат политиките што водат кон заштита на животната средина и да лобираат за законски промени кои ќе овозможат почиста и
      поодржлива средина.

      Трн: Какви мерки преземате за да се спречи загадувањето на реките и природните ресурси во Вевчани?

      Дарко Ќитаноски: Во Вевчани, активно работиме на подигнување на јавната свест за клучната улога на водите и нивната заштита. За оваа цел, по течението на Вевчанска Река поставивме информативни табли кои служат како потсетник за посетителите и локалното население за значењето на зачувувањето на водните ресурси. Дополнително, во партнерство со основното училиште во Вевчани, организираме еколошки акции за чистење, кои се фокусирани на подигнување на еколошката свест и активна вклученост на заедницата во напорите за одржлива заштита на реките и природните ресурси.


        Трн: Како ја гледате иднината на Вевчани и околината во контекст на одржлив развој и заштита на природата?
        Дарко Ќитаноски: Вевчани може да биде пример за одржлив развој, комбинирајќи ја традиционалната мудрост со модерни технологии за зачувување на природата и подобрување на квалитетот на животот за идните генерации. Би наброил неколку аспекти. Екотуризам, Вевчани веќе е познато по своите природни убавини, како што се Вевчанските извори и планината Јабланица. Екотуризмот може да привлече туристи кои се заинтересирани за природата и културата, додека се минимизираат негативните ефекти врз животната средина. Инвестирањето во обновливи извори на енергија може да помогне во намалување на зависноста од фосилни горива и да придонесе за одржлив развој на локалната заедница. Во овој поглед може да се каже дека Вевчани, како општина, е помеѓу лидерите во Македонија. На сите општински и државни објекти се поставени фотоволтаици, на пример, општинската зграда, училиштето, градинката итн. Зајакнување на локалната економија преку поддршка на локалните производители и занаетчии. Зачувување на биодиверзитетот, овој регион е дом на многу ендемични видови. Заштитата на овие видови и нивните природни живеалишта е клучна за одржувањето на еколошката рамнотежа. И на
        крај, едукацијата на локалното население за важноста на одржливиот развој и заштитата на природата може да игра голема улога во зачувување на природните ресурси и поддржување на одржливите практики.

        Tрн: Каква е еколошката свест кај нас генерално? Колку е развиена?
        Дарко Ќитаноски: Со покачувањето на глобалните температури на глобално ниво, а високото аерозагадување на локално ниво денес сме посвесни од било кога дека нашето здравје и нашиот опстанок директно зависи од здравјето на животната средина. Сепак се уште постои огромна потреба за информирање на граѓаните за овие теми и какви активности можат и треба самите тие да превземат за подобрување на квалитетот на животната средина и климата. Само добро информирани и едуцирани граѓани имаат моќ да ги натераат властите да ги сменат политиките во насока на обезбедување на здрава животна средина и безбедна клима.

        Tрн: Какви активности или настани во иднина планирате за подигнување на свеста за заштита на природата?

        Дарко Ќитаноски: Во следниот период ќе продолжиме со поддршката што и ја пружиме на Општина Вевчани во управувањето со Заштитеното Подрачје “Вевчански Извори”. Продолжуваме со најразлични акции за чистење на природата, за засадување на дрвја во области од Јабланица во кои шумата е оштетена, деградирана или изгорена, Трајната поставка за природа во Мултикултурниот Центар во Вевчани ќе биде надградена со повеќе содржини, обележување на планинарски и велосипедски патеки низ Заштитеното Подрачје “Вевчански Извори”, и општо подобрување на инфраструктурата наменета за едукација и туризам. Продолжуваме со едукативни тури, настани и работилници за сите возрасти за значењето на Планината Јабланица.

        Вредно е да се спомене и дека имаме соработка, но и активно работиме на уште поголемо поврзување со чинители од Албанија. Прекуграничната соработка е од огромна важност во регионите како нашиот, затоа што опасноста од природни непогоди експоненцијално се зголемува заради климатските промени, а таквите непогоди, исто како и животните, не познаваат граници. На крај би сакал да упатам еден апел, крајно време е Јабланица да ја прогласиме за Национален Парк.

          е-Трн да боцка во твојот инбокс

          Последни колумни