Данскиот министер го оцени надлетувањето на дронови како хибриден напад, но не откри кој стои зад тоа

Данскиот министер за одбрана изјави дека дроните кои ноќта надлетувале неколку аеродроми претставуваат хибриден напад од професионален актер, но не го посочи виновникот. Инцидентот ја активираше и НАТО.

Министерот за одбрана на Данска изјави дека ноќешното надлетување на дронови над неколку аеродроми низ земјата претставува „хибриден напад“, зад кој стои „професионален актер“ и дека тоа претставува „систематска закана“.

Министерот Троелс Лунд Поулсен, кој денеска се обрати на прес-конференција, сепак не можеше да каже кој стои зад тие активности.

Тој изјави дека дроновите биле лансирани „локално“ и дека полицијата веќе започнала истрага, пренесува Би-Би-Си (BBC).

Иако нема докази за руска вмешаност, Данска го покренала прашањето во рамки на НАТО и размислува да го активира Членот 4, кој овозможува свикување итен состанок.

Неидентификувани дронови се забележани ноќеска над четири аеродроми во Данска, што довело до повеќечасовен прекин на сообраќајот на еден од нив, соопшти полицијата.

Дроновите биле видени над аеродромот Олборг на северот — втор по големина во земјата, кој бил затворен неколку часа — како и над аеродромите во Есбјерг на западот, Сендерборг и во воената база Скридструп на југот.

Инцидентите следуваат по слични појави во понеделникот, кога неидентификувани дронови беа забележани над аеродромите во Копенхаген и Осло (Норвешка), што предизвика прекин на воздушниот сообраќај неколку часа.

Данскиот министер за одбрана истакна дека е можно постоење на поврзаност меѓу дроновите од понеделникот и ноќешните случаи, но не даде конкретни заклучоци.

Тој предупреди дека ќе има сè повеќе вакви хибридни напади, бидејќи технологијата брзо напредува и нема едноставно решение. Ситуацијата, како што рече, е загрижувачка и Министерството ја сфаќа многу сериозно.

По „сеопфатна проценка на ситуацијата“, полицијата и армијата одлучиле да не ги соборат дроновите — пред сè поради безбедноста на цивилите — изјави началникот на Генералштабот на данската војска, Михаел Хилдегард, пренесува Франс прес.

„Сè уште не се приведени операторите на дроновите“, соопшти локалната полиција.

Според полицијата, дроновите летале со вклучени светла и биле видливи од земја, но не можело да се утврди нивниот тип, ниту причината за надлетувањето.

Данската влада нагласи дека нема „директна воена закана“, но најави набавка на нови системи за „детекција и неутрализација на дронови“.

„Целта на ваквите хибридни напади е да се сее страв, да се создаваат поделби и да се заплашува населението“, изјави министерот за правда Петер Хумелгард.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни