Данската премиерка од Гренланд: Се наоѓаме во сериозна ситуација

Тензиите се смирија откако Трамп во средата ја отфрли можноста за воена акција и објави дека постигнал „рамка за иден договор за Гренланд“

Премиерката на Данска, Мете Фредериксен го посети Нук, главниот град на Гренланд, на разговори со лидерот на територијата, Јенс-Фредерик Нилсен. Посетата доаѓа по напната недела во која американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли заканите за преземање на арктичкиот остров и се согласи на преговори.

Тензиите се смирија откако Трамп во средата ја отфрли можноста за воена акција и објави на социјалните мрежи дека постигнал „рамка за иден договор за Гренланд“ по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Давос, пишува Би-Би-Си .

Знак на поддршка и дипломатски пат

Деталите од договорот сè уште не се познати. Премиерката Фредериксен долета директно од Брисел, каде што се сретна со Руте во петокот наутро. Според неговата најава, тие се согласиле да „го зајакнат одвраќањето и одбраната на Арктикот“.

По пристигнувањето во Нук, Фредериксен беше пречекана од Нилсен. „Прво на сите, денес сум во Гренланд за да ја покажам нашата силна данска поддршка на народот на Гренланд“, изјави таа пред новинарите. „Ова е многу тешко време, секој може да го види тоа.“

„Се наоѓаме во сериозна ситуација. Сите го гледаат тоа. Сега постои дипломатски, политички пат што ќе го следиме“, додаде таа, објаснувајќи дека нејзината посета „работа“ за подготовка на „следните чекори“.

Американските планови и „црвената линија“

Трамп во четвртокот за „Фокс њуз“ изјави дека САД „добиваат сè што сакаат без никакви трошоци“ и дека „дел“ од неговиот планиран систем за ракетна одбрана „Златна купола“ ќе биде поставен на Гренланд. На прашањето дали станува збор за „преземање“, тој рече: „Тоа е целосен пристап. Нема крај, нема временско ограничување“.

Претходно, „Њујорк тајмс“ објави за идејата Данска да отстапи суверенитет над мали делови од територијата за изградба на американски воени бази. Сепак, данските и гренландските претставници остро се спротивставија на таквата можност, постојано нагласувајќи дека суверенитетот е „црвена линија“.

Пред вонредниот самит во Брисел во четврток, Фредериксен повтори дека нема преговори за суверенитетот на Гренланд, но нагласи дека Данска е подготвена да соработува по прашањето на „безбедноста“.

Преговори за договор за одбрана

САД моментално имаат околу 150 војници во својата база Питуфик во северозападен Гренланд. Според одбранбениот договор од 1951 година со Данска, САД имаат можност да го зголемат своето воено присуство и да распоредат дополнителни сили. Договорот беше ажуриран во 2004 година за да го вклучи Гренланд како рамноправен партнер.

Извори запознаени со преговорите велат дека САД и Данска ќе преговараат повторно за договорот од 1951 година. Данскиот весник „Берлингске“ исто така пишува дека данската и гренландската страна се отворени за ревидирање на договорот, но дека никогаш не се дискутирало за минерални права или пренос на територија.

Данското Министерство за одбрана одби да коментира за овие наводи. Во меѓувреме, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен во петокот изјави дека детален план сè уште не постои, но дека преговорите ќе започнат наскоро, со фокус на „безбедност, безбедност и безбедност“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни