Данската премиерка Мете Фредериксен го повика Доналд Трамп да престане со заканите за преземање на Гренланд, откако американскиот претседател во интервју за списанието The Atlantic повторно ја изрази својата желба за тоа.
„Америка нема право да го анектира Гренланд“
„Апсолутно нема смисла да се зборува за тоа дека САД треба да го преземат Гренланд. САД немаат право да анектираат ниту една од трите земји во Кралството Данска“, порача Фредериксен во соопштение испратено по електронска пошта.
Трамп повеќепати ја спомена можноста за припојување на Гренланд кон САД, наведувајќи ја неговата стратешка положба и минералното богатство како причини.
Фредериксен изјави дека Данска, „а со тоа и Гренланд“, е членка на НАТО и е опфатена со безбедносните гаранции на Алијансата. Таа додаде дека Данска веќе има одбранбен договор со САД кој обезбедува пристап до Гренланд, како и дека земјата ги зголемила инвестициите во безбедноста во арктичкиот регион.
„Затоа силно ги повикувам Соединетите Американски Држави да престанат со заканите кон историски близок сојузник и кон друга земја и друг народ, кои многу јасно порачаа дека не се на продажба“, рече данската премиерка.
Сопругата на соработник на Трамп објави спорна карта
Фредериксен реагираше откако Кејти Милер, сопруга на советникот на Трамп, Стивен Милер, објави карта на Гренланд обоена во боите на американското знаме со опис „НАСKОРО“.
Претходно, данскиот амбасадор во САД одговори на објавата на Милер, десничарска подкастерка и поранешна советничка на Трамп за време на неговиот прв мандат, со „пријателско потсетување“ дека двете земји се сојузници и дека Данска очекува да се почитува нејзиниот територијален интегритет.
Оваа размена следуваше по големата американска воена операција против Венецуела во саботата, при која беа заробени претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга и префрлени во Њујорк.
Трамп во интервјуто за The Atlantic изјави дека и други земји би можеле да бидат цел на американска интервенција. „Апсолутно ни е потребен Гренланд“, рече американскиот претседател за островот кој е дел од Данска, членка на НАТО.
